Од Министерството за финансии соопштија дека се потпишани спогодба и договор за обезбедување средства за изградба на втората фаза од проектот „Парк на електрични ветерници – Богданци“.
Според министерот Тевдовски, проектот има за цел да придонесе за заштитата на климата и животната средина, преку обезбедување обновливи енергии и економски раст, средствата пак, се обезбедени по поволни услови.
„На јавното потпишување, потпишана е спогодбата за финансиска соработка помеѓу Владите на Македонија и Германија, чии потписници се германскиот амбасадор Томас Герберих и министерот за финансии Драган Тевдовски. Потоа потпишана е гаранцијата со КфВ Банката, како и кредитот кој го зема ЕЛЕМ, чиј потписник е директорот Драган Миновски. Потписник од КфВ банка е директорот за Југоисточна Европа и Турција, Кристоф Тикскенс“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
„Македонската влада треба да се концентрира целосно на реформските процеси кои мора да доведат до создавање ново македонско општество, во кое сите луѓе ќе можат да ги остваруваат основните човекови права и кое дава можност за подобри услови за живот“, изјави германскиот амбасадор Герберих на денешното потпишување.
На потпишувањето на договорот се обрати и директорот на КфВ банка за Југоисточна Европа, Кристоф Тикскенс. Според него финансирањето и спроведувањето на овој проект се важни за банката, но уште повеќе за граѓаните на Македонија, бидејќи тој претставува чекор напред кон зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.
Според директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, има неколку клучни продобивки од финализацијата на овој проект и тоа, како што посочи тој „се зголемува инсталираната моќност на АД ЕЛЕМ за 13,8 MW и годишно производство од дополнителни 37 GWh, доволни за снабдување со електрична енергија на околу 6 000 домаќинства“.
Се заокружува проектот „Парк на ветрени електрични централи-Богданци“ на проектираната инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh. Со изградбата ќе се зголеми уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија од АД ЕЛЕМ од околу 3 %, велат во соопштенеито од министерството и додаваат дека Република Македонија има обврски кон Европска Унија за исполнување на целите за 20 % производство од обновливи извори во енергетскиот биланс, цел која е поставена и поддржана од сите релевантни институции во Република Македонија.
„Во рамки на втората фаза од овој проект предвидено е поставување на 6 турбини во ветерниот парк Богданци со инсталирана моќност од 13,8 MW. На овој начин ќе се искористи ветрот како обновлив извор на енергија преку изградба на ветерни електрани, со цел постигнување на дополнително годишно производство од 37 GWh природно одржлива енергија.
За реализација на втората фаза од проектот обезбеден е поволен заем во износ од 18 милиони евра во рамки на билатералната развојна соработка со Германија, преку КфВ банка, додека АД ЕЛЕМ ќе обезбеди 3 милиони евра од сопствени средства. За средствата во износ од 18 милиони евра заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција,“ велат од Министерство за финансии.
Министерот за финансии ги соопшти и условите според кои се обезбедува заемот на АД ЕЛЕМ, односно рокот за отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години, каматната стапка е фиксна каматна стапка и истата дополнително ќе биде утврдена на денот на потпишување на договорите (индикативната каматна стапка добиена од КфВ на 23.11.2018 година изнесува 1,15% и истата важи до 14.12.2018 година), а сервисирањето на заемот ќе го врши АД ЕЛЕМ од приходите кои ги остварува, a го гарантира државата.