Вооружени француски полицајци денеска започнаа рација во округот Нојдорф во Стразбур како дел од потрагата по напаѓачот кој уби тројца луѓе на божиќен панаѓур во овој источен француски град.
Елитната единица на француската полиција, RAID, е распоредена по една улица, а некои од вооружените полицајци претресуваат куќи во потрага по напаѓачот. Други го прошируваат безбедносниот периметар на соседните населби, објави агенцијата „Ројтерс“.
Засега не е јасно дали полицијата има информации дека напаѓачот се крие во оваа населба, каде што последен пат бил виден по нападот во вторникот вечерта.
По Шериф Чекат, напаѓач во бегство, денес трагаат 720 полицајци низ источна Франција, иако не е сигурно дека тој уште е на територијата на оваа земја. Властите порачаа дека го бараат жив или мртов.
Чекат последен пат бил виден во населбата Нојдор, од каде му се губи трага.