Лидерите на ЕУ се согласија повторно да ги продолжат економските санкции за Русија поради нејзината улога во источна Украина и Крим, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
– Одлука: ЕУ едногласно ги продолжува економските санкции против Русија со оглед на нула напредок во спроведувањето на Договорите од Минс, напиша Туск на Твитер.
Санкциите прво беа усвоени во јули 2014 година, во врска со руската анексија на украинскиот полуостров Крим и поддршката за сепаратистите во источниот дел на Украина.
ЕУ го поврза олеснувањето на санкциите со напредок во мировниот договор од Минск, кој повикува на безусловен прекин на огнот и двете страни да го повлечат тешкото оружје од фронтот во источна Украина, потсетува ДПА.
Санкциите се насочени кон руската финансиска, енергетска и одбранбена индустрија, и на банките им се оневозможува пристап до пазарите на ЕУ и се ограничува одреден увоз од ЕУ.
Тензиите меѓу Москва и Киев се разгореа откако руските сили на 25 ноември запленија три бродови на украинската морнарица со екипажи во Керченскиот Теснец, меѓу Црното и Азовското Море, со образложениуе дека нелегално влегле во руски територијални води.