Српскиот претседател и врховен командат на вооружените сили на оваа земја, Александар Вучиќ, во следните 72 часа ќе посети повеќе единици во копнената безбедносна зона (КЗБ), објави вечерва Радио-телевизија Србија (РТС), а пренесе агенцијата „Танјуг“.
РТС соопшти дека Вучиќ ќе биде придружуван од министерот за одбрана Александар Вулин и началникот на Генералштабот на српската војска, Милан Мојсиловиќ.
Во соопштението се наведува дека тие ќе бидат на територијата на југот на Србија во зоните на третата и четвртата бригада на српската војска.
Српските медиуми денеска пренесоа дека возила на КФОР во раните утрински часови во колона влегле на северот на Косово и се упатиле во правец на Лепосавиќ.
Според српски „Телеграф“, борбените возила носеле опрема за блокирање и создавање бариери, како градежни машини, агрегати и жица.
Постапката на КФОР на северот на Косово доаѓа во момент кога веќе има зголемени тензии по потегот на Приштина, поради предвиденото формирање на војска на Косово, со отворена поддршка од западните центри на политичка и воена моќ.
Косовскиот претседател Хашим Тачи попладнево изврши смотра на Безбедносните сили на Косово (ФСК), на еден ден пред утрешното гласање во Собранието за нивна трансформација во вооружени сили.