Бројот на британски компании што ја истражувале можноста да основаат свои подружници во Германија годинава се зголемил за трипати поради загриженоста дека Брегзит ќе ги загрози снабдувачките канали и пристапот до пазарот на ЕУ, објави денеска германската владина агенција.
Сериозен интерес за основање на свои подружници во Германија годинава пројавиле 172 британски компании, што е трипати повеќе од 2015, односно една година пред Британците да гласаат за излез од ЕУ, покажуваат податоците на германската Агенција за трговија и инвестиции, а пренесува „Ројтерс“.
„Барањата постојано се зголемуваат и тие достигнаа рекордно ниво годинава“, рече претставникот на агенцијата, Аким Хартиг.
Во 2015 година само 50 британски компании покажале интерес за работа во Германија, а во 2016 кога се одржа референдумот за брегзит нивниот број се зголемил на 77, додека, пак, во 2017 година на 111 компании.