Со огромно жалење и неверување ја примивме трагичната вест за смртта на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, се вели во соопштение на охридскиот општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека најтрагична од сите е веста за завршување на животот на млад човек кој сѐ уште имал долг пат да оди и уште многу да му даде на светот.
„Господинот Стојаноски заминува прерано од животот на своите најблиски, но заминува прерано и од животот на нашиот град кој пред само една година го назначи за свој прв човек, за татко на градот. Нашиот политички натпревар со Стојаноски траеше повеќе години претходно пред да стане градоначалник. Тој беше член на Советот на општина Охрид во тек на еден мандат. За тој период во кој имаше бројни дебати за важни прашања во кои имавме различни ставови, ние сепак успеавме да изградиме завидно меѓусебно почитување и разбирање“, се наведува во телеграмата со сочувство од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
Од таму додаваат дека почитувањето се задржало и во целата една година додека Стојансоки ја извршувал функцијата градоначалник како конструктивен политичар.
„Остануваат прекратени бројните планови кои треба да го движат овој град кон подобро утре. Остануваат со сигурност прекратени и бројни лични цели неповрзани со политиката. Нам ни останува огромното жалење за прерано завршениот живот на нашиот, пријател, сограѓанин и градоначалник. Нека почива во мир и нека му е вечна слава“, се наведува во телеграмата од општинскот комитет на опозициската партија.