Неколку илјади луѓе денеска протестираат во Виена, неаздоволни од актуелната власт, а по повод годишнината од владата на канцеларот Себастијан Курц. Австриската влада, составена од Народната партија (ОВП) на Курц и Либералната партија (ФПО) ја презеде функцијата на 18 декември минатата година.
По повод овој јубилеј, левоориентираните организации повикаа на протест на кој се очекува да се соберат меѓу 10.000 и 35.000 луѓе. Поради демонстрациите многу улици во градот се затворени за сообраќај, а зголемено е присуство на полицијата.
Организаторите на протестите истакнаа дека се на улиците бидејќи не се задоволни од тоа како владата ги третира работниците, ја води социјална политика, но исто така и од односот кон барателите на азил.
-Додека ние мора да работиме како луди, корпорациите добиваат даночни стимуланси, исто како и најбогатите во земјата. За да се одвлече вниманието од оваа анти-социјална политика владата шири омраза против барателите на азил, рече Кете Лихтнер од алијансата „Жешка есен“ во пресрет на демонстрациите.
Тој додава дека за огромното мнозинство на Австријците годишнината од Владата не е причина да слават, бидејќи нејзината политика само довела до натамошно осиромашување на сиромашните и збогатување на богатите.
Инаку, веќе неколку недели во Виена, секој четврток навечер, се одржуваат протести против владата на Курц и неговиот коалициски партнер, Хајнц Кристијан Штрахле.