Австралија официјално го призна западен Ерусалим за главен град на Израел, но нема веднаш да ја пренесе својата амбасада таму.
Ова го изјави австралискиот премиер, Скот Морисон.
„Со нетрпение очекуваме да ја преместиме нашата амбасада во западен Ерусалим кога тоа ќе биде практично“, изјави Морисон за новинарите во Сиднеј.
Како што објасни тој, Австралија нема да ја пренесе амбасадата во западен Ерусалим додека не биде утврден конечниот статус на градот, но таму ќе отвори свои канцеларии за трговија и одбрана.
Морисон, исто така, рече дека Австралија поддржува постигнување решение на двете држави за источен Ерусалим како главен град на Палестинците, пренесе „Ројтерс“.
Израел го оцени овој потег како чекор во вистинска насока, додека пак главниот преговарач на Палестинците, Саеб Ерекат, порача дека ваквата објава е последица на ситничавата внатрешна политика во Австралија.