Претседателот на Уставниот суд на Албанија, Башким Дедја е разрешен од функцијата, откако не можел да го објасни потеклото на својот имот.
На функцијата беше именуван во јуни годинава. Првата проверка за потеклото на имотот ја мина на 13 јуни, но Јавниот комесар, посебна институција формирана во рамки на ветингот, на 26 јули ја обжали одлуката на комисијата, по што не ја мина втората проверка.
Посебната комисија за тоа соопшти дека Дедја има неточни изјави за имотот, негово прикривање и оти не можел да го оправда имотот со своите приходи.
-Поконкретно за купување на стан со корисна површина од 98 метри квадратни во 1997 година, има неправилности и несогласувања на изјавите што ги давал во изминатите години во однос на цената со која го купил станот. Во врска со тоа, тој изјавил дека го купил заедно со својот брат, но, при контрола од комисијата, ниту еден од нив немал доволен приход кој го оправдувал ова купување, јави албанската државна новинска агенција АТА.
Исто така, во врска со станот од 146 метри квадратни и гаража од 15,25 метри квадратни во негова сопственост, комисијата тврди дека има недостиг на легални финансиски извори и документација која го потврдува купувањето на станот.
Од друга страна постои сомнеж за затскривање на стан од 60 метри квадратни во приморското место Голем, за што Дедја пријавил дека го изнајмувал само за одмор, но сметките за електрична енергија се на негово име.
Поради не поминување на проверката за потекло на имотот и вмешаност во криминални активности или попознато како ветинг, Уставниот суд на Албанија не функционира со месеци, бидејќи овој процес не го минаа шестмина од вкупно девет судии колку што брои судот. Сега судот е само со двајца судии.