Голем број компании од целиот свет кои работната недела ја скратија на четири работни дена регистрираат многу поголема продуктивност на работниците, вработените се помотивирани и забележан е помал синдром на „прегорување” на работа.
-Таквиот начин на работа е многу попозитивен кога станува збор за здравјето, учинокот на работниците е поголем, и нема работно „лудило” во канцеларија, изјави основачот на компанијата „Планио” од Берлин чии десет вработени од почетокот на годината преминаа на четиридневна работна недела.
Управата на компанијата за осигурување „Перпетуал Гардијан” од Нов Зеланд исто така вели дека е забележано намалено ниво на стрес меѓу вработените, но и зголемен ангажман на работа откако од почетокот на годината ја проба четиридневната работна недела.
Дури и во Јапонија Владата ги поттикнува компаниите на работниците да им овозможат да останат дома во понеделник наутро. Досега сите други предлози со кои вработените во оваа „работохоличарска” земја се убедуваа „малку да го намалат темпото на работа”, имаа лош исход.
Британското Здружение на синдикати (ТУЦ) ги поттикнува компаниите во целата држава да преминат на четиридневна работна недела до крајот на векот, а лабуристите го поддржуваат тој чекор. Во ТУЦ сметаат дека покуса работна недела е добар начин работниците да ги искористат предностите на новите технологии.
–Ваков начин на работа би го намалил стресот од „жонглирање” меѓу работата и семејството и би можел позитивно да влијае на рамноправноста меѓу половите. Компаниите кои ја испробаа четиридневната работна недела велат дека продуктивноста на работниците се зголемила, но и доброто расположение и здравјето на вработените, вели Кејт Бел, една од челниците на ТУЦ.
Луси Грин, експерт во консултанската компанија Џ.Волтер Томсон вели дека луѓето се почесто страдаат од преоптовареност и премногу часови поминати на работа.
– На луѓето им е премногу 24 – часовен дигитален начин на живот. Сфаќаат дека нивното ментално здравје страда поради тоа што во денешниот виртуелен свет постојано се „во врска” со работата, вели Грин.
Неодамнешна анкета во која учествувале три илјади вработени од осум држави меѓу кои биле САД, Велика Британија и Германија, покажа дека речиси половина од учесниците сметаат дека се во состојба без големи проблеми работата да ја завршат во само пет часа, но да не бидат прекинувани за време на извршувањето на работните задачи.
Реалноста е поинаква. Повеќето од нив имаат 40-часовна работна недела, а САД водат по бројот на прекувремени часови поминати на работа.
– Технологијата на луѓето постојано им е на дофат на рака и всушност постојано можете да работите на работа и дома. Луѓето поради тоа едноставно „експлодираат”, изјави Ден Шобел, извршен директор на компанијата „Фјучр Воркплејс” која го спроведе истражувањето.
Програмерот Шулц – Хофен (36) изјави дека на сопствена кожа сакал да ја испроба четиридневната работна недела откако сфатил дека мора да забави.
– Морам да кажам дека за четири дена успеав да завршам иста количина на работа како во пет дена. Но кога работите пет дена свесни сте за тоа дека имате повеќе време, па со некого малку подолго разговарате, пиете кафе, правите почести паузи… сфатив дека во четири дена морам да бидам пофокусиран и побрз ако сакам да имам слободен петок. А сакав, изјави тој.
Со колегите разговарал за разни опции на четиридневната работна недела од понеделник до четврток. Вработените ја отфрлиле идејата за флексибилно работно време затоа што тоа би ги измешало административните работи, а не им одговарала ниту петдневна работна недела со помал број часови.
– Откако се договоривме за неработен петок оставивме снимена порака во која на клиентите им објаснивме зошто канцеларијата е празна. Пријатно не изненади нивната реакција. Големо мнозинство немаше ништо против. Освен што беа љубоморни, истакна Шулц – Хофен.