Израел поради САД го преиспитува договорот со Кина за Хајфа

Израелскиот весник „Џерусалем Пост” пишува дека растечката загриженост дека американските бродови би можеле да се повлечат од пристаништето Хајфа откако Кина ќе ја преземе контролата врз него, врз основа на договорот од Шангај, би можело да доведе до преиспитување на тој договор.

Договорот во 2015 година го потпиша израелското Министерство за сообраќај со компанијата Шангај Интернешнел Порт груп (СИПГ) во која Кина има мнозински дел.

Најголемиот израелски пристанишен град Хајфа редовно е домаќин на заеднички вежби на американската и израелската морнарица, а американски бродови често го посетуваат. Сепак, откако е потпишан договорот во Шангај се зголеми и загриженоста во областа на разузнавачки и безбедносни прашања кои само поттикнаа меѓуагенциски преиспитувања, пишува израелскиот весник.

Со овој договор на компанијата СИПГ и се гарантира контрола врз пристништето во период од 25 години. Кинеската компанија во тој проект вложи две милијарди долари и според државните медиуми планира овој пристанишен терминал во заливот да го претвори во најголемо пристаниште во Израел.

Официјални претставници на американската шеста флота истакнуваат дека партнерството меѓу нивната морнарица со Израел останува „цврсто”.

– За сега нема измени во нашите операции во Израел. Не можам да шпекулирам за тоа што би можело, а што не, да се случи до 2021 година, изјави командантот Кајл Рејнс за „Џерусалем Пост” на прашањето дали очекуваното присуство на Кина би можело да влијае врз операциите на флотата во Средоземното море.

Сепак, повикувајќи се на три неименувани извори запознаени со случајот, весникот пишува дека американски безбедносни функционери индиректно изразиле загриженост пред израелските колеги и оти израелската Влада поради тоа покренала „преиспитување на договорот на високо ниво” особено меѓу членовите на Кабинетот за внатрешна безбедност.

Според еден од тие извори, неколку членови на Кабинетот изразиле загриженост дека израелскиот Кабинет за национална безбедност не ги испитал правилно чувствителните инфрасруктурни прашања пред да го одобри договорот.

– Не сакате одлука која наводно е донесена од економски причини, да влијае врз односот на Израел со американската морнарица, рекол изворот.

Треба да знаете
Последни објави