Шри и Гопи Хиндуџа се најдоа на првото место на листата на најбогати луѓе во Велика Британија за 2019 година, што ја изработи весникот „Сандеј Тајмс”.
Шри и Гопи Хиндуџа, сопственици на конгломератот „Хиндуџа Груп”, го заземаат првото место со богатство од 22 милијарди фунти, а зад нив следуваат бизнисмените и филантропи Дејвид и Сајмон Рубин, чие богатство е проценето на 18,7 милијарди фунти и првиот човек на групацијата „Инеос”, сер Џим Ратклиф со 18,2 милијарди фунти.
Интересно е тоа што во топ 10-те најбогати луѓе во Велика Британија се наоѓаат и четворица бизнисмени кои се Руси или имаат руско потекло.
На четврто место е сер Леонид Блаватник, сопственик на холдингот „Аксес индустрис” и на „Варнер Мјузик”. Неговото богатство изнесува 14,4 милијарди фунти. Блаватник е роден во Одеса, во поранешниот Советски Сојуз, а со родителите емигрирал во САД во 1974 година.
На осмо место е Алишер Усманов, руски олигарх со узбекистанско потекло. Неговото богатство се проценува на 11,3 милијарди фунти. Според листата на „Сандеј Тајмс”, вредноста на неговиот имот за една година пораснала за 783 милиони фунти.
На деветто и десетто место се уште двајца руски олигарси, Роман Абрамович и Михаил Фридман. Абрамович е косопственик на металуршкиот холдинг „Евраз”. Неговото вкупно богатство изнесува 14,6 милијарди фунти и лани се зголемило за речиси две милијарди фунти. Фридман е нов во листата. Тој е еден од сопствениците на „Алфа-груп” и поседува имот во вредност од 10,9 милијарди фунти. Според „Форбс”, Фридман е и најбогатиот жител на Лондон.