Франција ќе остане воено ангажирана во Сирија, изјавила министерката за европски прашања, Натали Лусо, по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на силите од Сирија.
Трамп вчера објави дека Исламска држава во Сирија е поразена и дека американските војници ќе се повлечат.
„Засега остануваме во Сирија“ рекла министерката за CNEWS, запрашана за американското повлекување кое предизвика загриженост на сојузниците.
„Борбата против тероризмот не е завршена“ додала министерката, споменувајќи го нападот во Стразбур.
Британската влада се дистанцира од оценките на Трамп дека ИД се победени.
Американските сојузници се загрижени со најавата на Трамп за повлекување на војниците од Сирија, бидејќи сметаат дека Исламска држава останува закана и без територија, како и дека по американскиот потег, би можела повторно да зајакне.



