Каде сте мачени и кога: Судењето на убијците во Камбоџа открива трауматизирана земја

Каде сте мачени и кога: Судењето на убијците во Камбоџа открива трауматизирана земја

Њјурок тајмс

„Каде сте мачени и кога?“

Тоа беше вообичаено прашање на судењето преполно со суровост и страдања кои за време на четиригодишното брутално владење Црвените Кмери му го нанесоа на народот во Камбоџа.

Дали сведокот е камшикуван, претепан, давен во вода или со пластична кеса? Дали мачителот му ставал стап во раните, дали му ги корнеле ноктите, дали за ушите му закачиле електрични жици?

Дали командантот на затворот Каинг Гуек Еав, познат по прекарот Доик лично го тепал додека не останал без здив или стоел на страна, гледал и се смеел како што рекоа некои други сведоци?

Доик беше првиот обвинет на судењето на Црвените Кмери кое го организираа Обединетите нации и кое го покривав повеќе од десет години до минатиот месец и конечните пресуди на двајца лидери на геноцидот.

Тие беа последни преживеани од групата револуционери одговорни за смртта на најмалку 1,7 милиони жители на Камбоџа од 1975 до 1979 година со погубување, изгладнување, принудна работа или болест.

Им оставаа на другите, како што е Доик да ги убиваат. Тој беше командант на главниот затвор на Црвените Кмери, Туол Сленг или С-21 каде најмалку 14 илјади луѓе со денови или недели биле мачени пред речиси сите да ги испратат на егзекуција.

Тоа беше опасно место за работа. Една третина од затворскиот персонал е егзегутирана, понекогаш поради тоа што премногу ентузијастички ги мачеле затворениците кои потоа би починале.

За мене, Доик е симбол на студена, безлична суровост на движењето кое живееше според слоганот „немам корист да те чувам, не е загуба да те уништам“.

Во Камбоџа стигнав во 1996 година кога земјата беше се уште во рани и лузни после четири години масовни убиства, а потоа и децении граѓанска војна кога Црвените Кмери се вратија во џунглата.

И претходно имав видено трауми, но никогаш не сум видел трауматизирана нација. Редовно се потсетував себе си дека сите возрасни што ги сретнав се преживеани или поранешни убијци кои сега се обидуваат да живеат со она што го виделе или го направиле.

Речиси сите, без разлика дали се преживеани или убијци, загубиле членови на семејствата. Во себе носеа милиони мали светови полни со страдања.

Посетив жртви на нагазни мини и на граѓанската војна во воена болница, темно и депресивно место без струја и вода каде луѓето ме молеа да им набавам штаки.

Другите осакатени и отфрлени просеа на пазарот.

Во државната болница интервјуирав психијатар – еден од ретките кои ги преживеале Црвените Кмери – кој лекуваше преживеани. Не можеше да се сконцентрира. Мислите му бегаа кон неговите загуби: детето, сопругата, родителите. Но инсистираше дека не е трауматизиран.

Една 52-годишна продавачка на ориз ми рече дека има проблеми со цревата и дека паѓа во несвест кога оди во бањата. Ми рече дека страда од грчеви и оти се плаши да излезе сама. Ги затвори очите. „Гледам маж како трча и маж како пука“, ми рече. „Слушам истрели. Слушам луѓе како велат: О, го убија! Како да гледам слика во главата“. Многумина со слични сеќавања велат дека ги мачат прашањата: Кој ни го направи ова и зошто?

Судењето требаше да даде одговори на овие прашања и на него беа собрани многу историски податоци. Но целиот процес доведе до подлабоко прашање: Што ги придвижува овие убијци и мачители? Дали луѓето како Доик се поинакви од нас или сите ние во себе имаме семе кое во соодветни услови може да нè претвори во ѕверови ?

– Како човечките суштества стануваат дел од проект за масовно убиство, праша Александер Лабан Хинтон во „Човек или ѕвер?“ својата книга за Доик. -Прелесно е да се окарактеризираат тие луѓе како социопати или психопати. Морате да се позанимавате со нивната човечност.

Доик на суд рече дека револуционерното име го зел од детска приказна за послушен ученик кој сака да им угоди на учителите. Рече дека се обидел да одбие задача во Тоул Сленг но дека како послушен ученик, кога добил задача се обидел да ја изврши коректно.

Гордо рече дека измислил и усовршил некои од методите за мачење кои ги опиша. Го контролирал списокот на оние кои ќе бидат егзегутирани, вклучувајќи го и списокот со имиња на 17 деца. На него стоела негова инструкција: „Убијте ги сите“.

Експертот за историја на Камбоџа Дејвид Чендлер се занимаваше со прашања за одговорност во својата книга „Гласови од С-21“ и заклучи дека „за да го најдеме изворот на злото кое секојдневно се спроведуваше во С-21 не треба да бараме подалеку од нас самите“.

Лесно е да се замисли, додека стоеше во судот, дека Доик е човек кој може да командува со институција која е посветена на мачење. За него судот не е ништо. Од јачината на неговата личност сите други изгледаа помали.

Понекогаш ги поправаше сведоците или адвокатите кои ќе погрешеа со број на страница или референца. Во една прилика судијата му рече дека смеењето не е адекватен одговор на прашање.

Бев фасциниран со тој комплексен, суров човек кој толку опипливо го отелотворуваше прашањето од насловот на книгата на Хинтон: „Човек или чудовиште“.

Не сакав да имам никакви врска со тој насмеан мачител.

Со денови го набљудував преку стаклото отпорно на крушуми кое ги одвојуваше гледачите од судот. И изгледа дека и Доик мене ме забележа. За време на пауза во сведочење се доближив до стаклениот ѕид а тој се сврте и ме погледна. Ми мафна.

Без размислување му мафнав и јас.

Треба да знаете
Последни објави