Работната подгрупа за реформи во рамки на Координативното тело за интеграции, реформи и помирување на својот денешен втор состанок разгледала текстови на 20 реформски закони кои произведуваат дејство во други 15 закони при што најголемиот дел се носат со двотретинско мнозинство.
Како што информира на денешната прес-конференција претседавачот со Работната подгрупа Реџаил Исмаили, денеска попладне членовите на подгрупата ќе одат во Влада за усогласување околу одредбите на законите.
Инаку, најголем дел од разгледаните 20 закони се од областа на правосудството, меѓу кои и Кривичниот законик, Законот за јавно обвинителство и за СЈО, потоа Законот за органите на управата, како и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Исмаили истакна дека очекува за овие реформски закони поддршка да добијат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Претпоставувам како што гласа за Законот за амнестија, исто ќе постапат и за овие закони, бидејќи станува збор за синхронизирање на законите со АКИТО на ЕУ. Колку што знам, и тие се заинтересирани да не го попречат патот за влез на земјата во ЕУ и НАТО, рече Исмаили.
Тој додаде дека ќе му предложат на претседателот на Собранието Талат Џафери веќе следната недела да свика пленарна седница на која треба да се најдат овие закони со цел да бидат донесени до крајот на јануари следната година.
На новинарско прашање, Исмаили потврди дека се подготвува закон за подобрување на статусот на пратениците по истекот на мандатот.