Мисијата на ОБСЕ во Скопје во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денес во Скопје на прес-конференција ја промовира бесплатната телефонска линија 0800-11-011 за помош на новинари во случај на закани, напади и насилство кон новинарите.
Бесплатната телефонска линија ќе функционира 24/7 и ќе овозможи помош и поддршка на новинарите и медиумските работници во случај на заплашувања, закани, вербални или физички напади, онлајн вознемирување, родово насилство, уцени и останато загрозување на безбедноста.
Телефонскиот оператор ќе ги советува новинарите и медиумските работници како да постапат во одредени специфични ситуации преку информирање за механизмите на делување кои им се на располагање.
„Нападот врз новинарот е напад врз демократијата. Заканите и заплашувањата често доведуваат до самоцензура, го ограничуваат просторот за проток на идеи и мислења“, кажа заменикот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдстајн. Додаде дека ОБСЕ со својот сеопфатен пристап кон безбедноста, работи на обезбедување услови медиумите да работат слободно и новинарите да можат непречено и безбедно да ја вршат својата работа – без страв од заплашување или закани.
В.д. претседателот на ССНМ Ѕвездан Георгиевски рече дека квалитетно новинарство не е можно без постоење услови за безбедна работа на новинарите и медиумските работници. „Клучно е на нашите колеги да им овозможиме помош кога ќе се соочат со кој било вид на насилство“, рече тој.
За време на прес-конференцијата, Мисијата донираше елеци и заштитни капи за репортери членови на Здружението на новинари (ЗНМ).