Во текот на последните неколку години е забележано зголемување на стапката на неонатален морталитет во Македонија. Конкретна причина за зголемувањето на смртноста кај новороденчињата не е детектирана, а како што велат надлежните, проблемот е мултифакторски.
Откако Владата е алармирана за сериозноста на проблемот, почнува да презема мерки. Една од тие мерки е донесување на стандарди за акредитација на породилиштата.
Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во Македонија (АКАЗУМ) е самостоен орган на Владата што се грижи за објективно, независно спроведување на процесот на евалуација на квалитетот на услуги во здравствениот систем на земјава.
АКАЗУМ со поддршка од Фондот за население на ОН – УНФПА, започна проект за унапредување на мајчиното и новороденечко здравје и намалување на нивната смртност.
Цели на проектот се да се зајакнат техничките капацитети на засегнатите здравствени институции и здравствени специјалности (гинеколозите, неонатолозите и акушерките) кога станува збор за услуги поврзани со ефективна перинатална грижа во родилиштата во државата, да се изработат и спроведат стандарди за акредитација, и во продолжение клинички патеки, протoколи и алгоритми за перинатална грижа, базирани на докази, да се обезбеди техничка експертиза преку менторство во спроведување на практики за перинатална грижа базирани на докази, со посебен фокус на новороденечката грижа, како и да се јакне свеста кај жените и нивните семејства за појава на ризични знаци/состојби во текот на бременоста.
Во текот на изминатите неколку денови, припадници на АКАЗУМ, заедно со претставници од сите засегнати страни, како и д-р Тахир Махмуд од Европскиот борд и колеџ за гинеколози и акушери остварија средби со цел финализирање на стандардите за родилиштата во Македонија.
– Жените го заслужуваат најдоброто. Моето мислење е дека треба да ги максимизираме нашите ресурси за да им го дадеме најдоброто. Да инвестираме. Мора да се воведат протоколи и тие протоколи да важат насекаде. Сеедно дали жената ќе биде во Скопје или одалечена 100 километри од главниот град, секаде треба да ја добие истата услуга, посочи Махмуд.
Наведе дека здрава жена која има нормална бременост не треба да се носи во Скопје за да се породи, истакнувајќи дека такви здравствени установи треба да има во секој град и услугите што ги нуди таа болница треба да бидат со највисоки стандарди.
– Стандардите даваат инструкции и насоки за квалитетот на размислувањето, како да се грижите за жената, како да тече породувањето, како да се однесувате кога ќе настанат компликации и на крај како да се грижите за бебето, објасни Махмуд.
Од она што го видел од статистиките во овој момент во Македонија, оценува дека треба да има болници со оптимална големина каде ќе се обезбеди најдоброто.
– Она што го видов од статистиките во овој момент е дека има многу болници во Македонија. Некои од нив се многу мали, некои се со средна големина, а многу малку се големи болници. Да се биде голем не значи да се биде квалитетен, да се биде голем не значи дека ќе ги решите проблемите. Зависи колку доктори и акушери има и колку раѓања можат да изведат. Ако си презафатен тогаш си изгубен, тогаш твојот квалитет оди надолу, ако нема многу работа стануваш мрзлив и ја губиш праксата. Затоа постои болница со оптимална големина каде што ќе се обезбеди најдоборото, објасни Махмуд.
Оцени дека мозинството жени во Македонија би требало да се пораѓаат во секундарна нега, но како што рече, во тие болници треба надоградба на персоналот и на опремата.
– Тоа бара високоспецијалистичка нега каква што сега се нуди во Клиниката за гинекологија, наведе Махмуд.
Истакна дека во земјата е почнато да се воведуваат стандарди за нега, посочувајќи дека станува збор за голема препрака што треба да се надмине.
– Проблемот тука не се само парите, проблем е системот. Бидејќи речиси во сите земји докторите ја „водат” државата. Не станува збор за тоа колку се платени, туку дека сакаат нешто повеќе. Сакаат да имаат поголем удел во општеството. Но, ако се смени околината во која докторите работат, ако бидат вреднувани, почитувани, тие ќе ја чувствувваат болницата каде што работат како нивен дом. Ако така се чувствува еден доктор многу проблеми можат да бидат надминати, нагласи Махмуд.
Тој посочи дека е одлично тоа што за почеток Владата во Македонија установила дека има проблем и дека се обидува да најде решение.
– Откако ги разгледавме вашите документи и откако ги спровеведовме разговорите установивме дека немате доволно доктори во секундарна нега. Мора да имате систем кој ќе одлучува каде жените треба да одат. Ако имаат нормална бременост треба да се пораѓаат во градот од каде што се, во нивната градска болница. Воведувањето на овие стандарди ќе донесе промена, но таа промена нема да се случи утре. Треба да се донесат екстра ресурси и правилно да се менаџира со постоечките. Парите што ќе се потрошат денес во здравјето на жената ќе бидат инвестиција за во иднина, заклучи Махмуд.
Анте Попоски, директорот на АКАЗУМ наведе дека веројатно до крајот на февруари ќе бидат донесени финалните стандарди, преку кои болниците ќе се акредитираат.
– Сега освен стандардите за породилиште, потребна е интеграција на целокупниот процес на здравствена заштита за мајките и за децата. Тоа значи дека здравствената заштита кон нив не почнува во болниците, туку почнува на примарно ниво, тоа се избраните матични гинеколози, па дури и претходно, со некаков тип на превенција и едукација. Ние уште во моментов почнуваме со процес на донесување на стандарди за примарна здравствена заштита за гинеколошко-акушерски ординации, посочи Попоски.
Истакна дека Министерството за здравство презема мерки за прераспределување на кадар на оние места каде има недостиг, наведувајќи дека се донесени и кадри од други земји.
– Ние ќе им пристапиме на сите породилишта и тоа ќе значи обврска да управуваат, да организираат процеси според еден униформен документ. Ние настојуваме да се воедначи услугата без оглед на геограграфската локација. На исто ниво да добиете идентична услуга. Тоа се барањата на стандардите, нагласи Попоски.
Оцени дека специјализантите во земјава имаат огоромен капацитет, наведувајќи дека треба да се направат напори за тие да не заминат во странство.
– Учеството на АКАЗУМ во овој проект се однесува на делот на финализација на болнички стандарди за гинекологија и акушерство на терцијално и секундарно ниво, и вонболнички стандарди што се однесуваат на примарната здравствена заштита. Вакви стандарди, специјализирани за гинекологија и акушерство, за прв пат се изработуваат во државата, а тоа укажува на посветеноста на Владата кон ова прашање. Со воведување на овие стандарди ќе се стандардизираат услугите во родилишта во државата, со тоа ќе се овозможи мерење и унапредување на квалитетот на истите, а здравствениот систем ќе стане поефикасен, информираше Попоски.
Во следните неколку години статистиките ќе покажат колку воведувањето на овие стандарди го подобрило квалитетот на услугите во породилиштата и секако – крајната цел, намалувањето на морталитетот на новороденчињата.