На неколку дена пред најлудата новогодишна ноќ го прашавме првиот полицаец во државата Оливер Спасовски дали има новогодишна желба. За 24 инфо вели дека за следната година сака да види целосен спокој во очите на возрасните, радост во очите на децата и мотивација во очите на младите, да живеат и работат во својата родна земја. Верува и во екстрадиција на Груевски, а се релаксира кога се смее дома со најблиските, раскажувајки си за некоја ситуација во која што се нашле. Сака да шета, и со блиските, и сам, и со пријателите, во природа.
–Господине Спасовски котирате на листите за можните претседателски кандидати. Дали би ја прифатиле евентуалната кандидатура?
Министерството за внатрешни работи почна сериозни реформи на безбедносните служби, што е меѓу врвните приоритети за евро-атлантските интеграции, но и од огромна важност за стабилноста и безбедноста на државата и квалитетот на живот на граѓаните. Законите е важно да се донесат, но и соодветно да се имплементираат. Тоа бара силна волја, бара знаење, упатеност, посветеност. Многу специфичен сектор е безбедносниот сектор и сите чекори, како што знаат и граѓаните, ги правиме исклучително внимателно и мудро, запазувајки го целосно правниот поредок на државата. Ќе продолжам да придонесувам за доброто на граѓаните и на државата. Сите прашања во врска со претседателските избори се преуранети, ако се земе предвид дека пред нас е еден сериозен процес во Парламентот на носење на уставните амандмани, со цел реализација на Договорот од Преспа. Јас би повикал сите политички субјекти, институции, поединци, да се насочиме кон успешно заокружување на Договорот од Преспа, низ Парламентот. Имаме потоа и време и простор, во една порелаксирана атмосфера да се посветиме и на политичките прашања што следуваат.
– Сметате ли дека е време за консезуален кандидат или жена Претседател?
Што поголем консензус околу кандидатот или кандидатката за претседател, тоа подобро. `Се покажа низ концептот Едно општество за сите, што го градиме, дека грѓаните не сакаат поделби, коишто поттикнуваат нестабилност и несигурност. Верувам дека сите политички субјекти или поединци и групи, ќе го имаат предвид ова, при објавувањето на кандидатурите.
– Како првиот човек на министертсвото за внатрешни работи ја оценува безбедносната состојба во државава?
Безбедносната состојба на државата е стабилна. За тоа многу придонесуваат инклузивните, обединувачки политики на Владата и помирувачкиот процес во државата. Неопходно е клучните реформски приоритети и стратешките приоритети да ги спроведуваме низ широк политички и општествен конензус и тоа и го правиме како Влада. Тоа овозможи политичка и безбедносна стабилизација на државата, поради што и Европа и светот, во Македонија гледаат фактор на стабилност и безбедност и во европски и во регионални рамки. Со претстојното членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ во јуни, што го очекуваме, Македонија дополнително ќе ги осигура своите стабилност и безбедност и ќе ги понуди овие очекувани гаранции на потенцијалните инвеститори кои имаат интерес и желба да инвестираат во Македонија. Така создаваме клима и за економска стабилизација и развој. Граѓаните можат да бидат спокојни, државата е на вистинскиот пат.
– Дали може со оглед на зголемен број на нелегални влегувања да очекуваме нов бран на мигранти?
Ние продолжуваме да работиме во тесна соработка со нашите меѓународни пријатели, пред `се од Европската унија, во справувањето со ова прашање, актуелно на светско ниво. Сите чекори и активности, како и до сега, се координирано спроведувани со меѓународната заедница. Мигрантската криза не е нешто што зависи од Република Македонија, но она што зависи од нас во Македонија, сигурноста и безбедноста на граѓаните и на државата, го обезбедуваме, тоа треба да го знаат граѓаните на Македонија.
– Верувате ли во екстрадиција на Груевски?
Секој кој постапувал спротивно на интересите на граѓаните и на државата, кој работел противзаконски, е должен да се соочи со правдата. Владеењето на правото е меѓу врвните приоритети и за Европската унија, кон која што целиме како држава. Тоа едно од првите поглавја што ќе се отвори во преговарачкиот процес. Оттука, очекувам да се земат предвид меѓународните акти и сите законски прописи и Никола Груевски да биде екстрадиран во Република Македонија.
– Има ли првиот полицаец новогодишна желба?
Сакам да видам целосен спокој во очите на возрасните, радост во очите на децата и мотивација во очите на младите, да живеат и работат во својата родна земја. Кога се нафатив на оваа одговорна должност, си реков, секој од нас има обврска да направи што може, да се врати среќата во семејствата. Тоа е мојата новогодишна желба. Среќни луѓе во Македонија.
– Кој е Оливер Спасовски приватно?
Веројатно подобро би ме опишал некој од моите блиски, пријатели, другари. Инаку сум сопруг и татко на две ќерки, на 12 и 15 години, кој, сигурно како и секој одговорен родител, се грижи децата да растат во една хармонична средина на љубов, почитување и разбирање. Строгата принципиелност што ми ја наложува професијата, поради должноста кон стриктно почитување на законите, гледам да не ја пренесувам дома. Во семејството е неопходно да се покаже посебно разбирање кон емотвните потреби на блиските. Поддршката дома, од блиските, меѓусебната доверба, ми се чини дека имаат незаменлива улога во тоа какви личности создаваме или какви сме. Тоа го прави домот посебен и различен од `се друго. Секако дека должност на родителите е и да укажуваат, но секој може да биде добар, a корисен татко и сопруг, ако го сака тоа, така мислам.
– Каде за Нова година?
Каде што е најубаво, дома, со најблиските.
– Што ве релаксира во слободното време имате ли хоби?
Кога се смееме, сите дома, раскажувајки си за некоја ситуација во којашто сме се нашле, или некоја постапка или разговор во текот на денот, што од друга гледна точка поинаку изгледа – смеењето со ќерките и сопругата, тоа најмногу ме релаксира. Сакам да шетам, и со блиските, и сам, и со пријателите, во природа, или да седнеме некаде – немам многу слободно време, па се обидувам да комбинирам, ама и тие средби ме релаксираат. Ако остане време, бидејки сакам да читам, земам некоја книга во рака. Е, ама колку страници ќе прочитам, не зависи од мене. Телефонот ми е постојано достапен, се нафатив да ја извршувам професионално и одговорно должноста на којашто сум и од тоа отстапки нема. И, како и да звучи, си ја извршувам со љубов, не затоа што морам. Пожелувам секој да најде начин да го сака тоа што го работи, затоа што само така во работата нема да гледа нешто што му одзема, туку напротив, ќе гледа нешто што му додава вредност во животот.
Валентина Ангеловска