Град Скопје и агенцијата „SWOT Research” специјализирана за анализа на квалитетот на услугата по пат на тајни купувачи, ги избраа најдобрите трговски објекти за 2018 година.
Во категоријата „апарати за домаќинство, бела техника и се за дома” избрани се „Горење”, „Нептун” и „Елипсо”, а во категоријата „компјутерска аудио-видео и телекомуникациска опрема” за најдобри прогласени се „Дел стоп”, „Ај Стаил” и „Duna iStorе”.
Најдобри објекти за 2018 година во категоријата „Модни додатоци и накит” се „Божиновски”, „Сигма” и „АБ бижутерија”, додека во категоријата „парфимерии и козметика” избрани се „Ри-Ма”, „Анабела” и „Логона”.
Од салоните за мебел најдобри годинава се „Стиллес”, „Акрон” и „Кристина Дамил”, а за најдобри супермаркети избрани се „Рамстор”, „Гранап” и „Веро”. Од бутиците најдобри се „Тудорс”, „Ламас” и „Бонати Фиоре”, а во категоријата „домаќинство” за најдобри се прогласени „Технополис”, „Лусо” и „Jysk”.
Плакетите на најдобрите денеска им ги врачи раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Марко Тодоров.
– Овој проект произлегува од Програмата за финансирање на проекти за развој на занаетчиството, угостителството и трговијата на град Скопје за 2018 година. Неговата цел е да го поттикне развојот на трговијата и занаетчиството и да укаже на потребата од следење на современите текови и примената на модерните технологии во овие стопански гранки, како и да се изврши сондирање на квалитетот на услугите во трговијата во повеќе дејности на ниво на град Скопје. Со задоволство истакнувам дека Скопје има со што да се пофали. Без разлика дали станува збор за бутици, салони за мебел, супермаркети или продавници за домаќинство, ги следиме светските трендови и напредуваме во секој поглед. Ве охрабрувам да продолжите да се борите, иако знам дека не е секогаш лесно. Тука сме за вас секогаш кога ќе ви биде потребна поддршка, бидејќи кога напредувате Вие, напредува и Градо, истакна Тодоров.
Признанието за најдобар трговски објект во Скопје годинава се доделува по 12-ти пат.