Обединетото Кралство ја загуби својата лидерска позиција на пазарите на приватниот капитал, бидејќи за прв пат од 2011 година се зголеми вредноста на не-лондските транаскции во однос на тие што се склучени во британската метропола, објави Лондон тајмс.
Ако 2011 година беше одраз на кризата во еврозоната, кога големите трансакции „избегаа“ во САД, сега загубата може да биде долготрајна, ако не и конечна. Сепак, дефинитивната одлука повеќето инвеститори ќе ја донесат откако ќе биде позната конечната судбина на Брегзит.
Вкупната вредност на 187 големи трансакции склучени во Лондон од почетокот на годината до 7 декември беше 21,4 милијарди евра. Во истиот период, вредноста на трансакциите склучени во Амстердам, претходно втор омилен центар за вложувања на големите инвеститори се искачи на 23,5 милијарди евра, и покрај фактот дека бројот на трансакции направени во Лондон беше три пати повисок од тие во Амстердам.
City of London, историскиот и финансиски кварт на градот во кој се сместени London Stock Еxchange и Bank of England, остана столб на глобалните финансии. Но кога станува збор за клучни и големи трансакции на институционални инвеститори, како што се приватните equity фондови, сега претпочитаат финансиски центри за кои знаат дека ќе останат во рамките на ЕУ, заклучуваат финансиските аналитичари.
Од десетте најголеми преземања што се случија оваа година, само едно, Silver Lake аквизицијата на Zootopia, е склучено во Лондон. Повеќето други трансакции, како што е превземањето oд Carlyle на компанијата зa специјални хемиски производи AkzoNobel, или преземањето на KKR на бизнисот со намази на Unilever се склучени во Амстердам.
Од бегството од Лондон поради Брегзитот корист имаа и финансиските институции во неколку други европски земји. Само во Франција вкупната вредност на овие трансакции (вкупно 114) се зголеми за 25 отсто, на вредност од 20,1 милијарди евра.
Примарно поради Брегзит, но и засилените турбуленции на глобалните пазари, од кои значителен дел во САД, поттикнат од цврстиот став на Доналд трамп да се спротистави на сите за „Америка штетни трговски договори“, протокот на приватниот капитал во глобаниот финансиски крвоток значително е забавен. Па така загуби нема само досега најбогатиот лондонски пазар. Значителен пад на вредностите на трансакциите трпи и германскиот пазар на капитал каде вредноста на ланските 18,7 милијарди евра е симната на само 7,1 милијарда годинава, пред се поради недостиг на „џамбо трансакции“.