Младиот Вилијам Литл, кој го обвини Кевин Спејси дека сексуално го нападнал во 2016 година, тврди дека снимил дел од инцидентот. Оскаровецот Спејси поради овој случај ќе се појави пред судот на 7 јануари.
Доколку судот го прогласи Кевин Спејси за виновен, тогаш актерот би можел да се соочи со затворска казна во траење до пет години.
Литл, кој имал 18 години кога се случил инцидентот во јули 2016 година, вели дека испратил текстуални и видео пораки до неговата девојка преку кои тој тврди дека ја објаснуваат ситуацијата со Кевин Спејси, а вели дека снимил и дел од инцидентот за кој го обвинува актерот.
Тој останал на неговото работно место во локален клуб подоцна од неговата смена за да се сретне со Спејси, бидејќи бил негов голем фан и сакал да го запознае. Откако се запознал со актерот и го излажал дека има 23 години (бидејќи легалната возраст за консумација на алкохол е 21 година), Литл нарачал пиво, а потоа продолжил да пие виски заедно со Спејси.
Според неговото сведочење, актерот го поканил кај него дома, заедно со уште неколку негови пријатели. Младиот Вилијам одбил, сомневајќи се дека актерот сакал да го заведе, но и понатаму останал во барот надевајќи се дека ќе добие шанса да се слика со популарниот Кевин Спејси.
Сведочењето на Литл вели дека тој инсистирал да се слика со Кевин Спејси, но актерот му рекол дека ќе му дозволи да се сликаат само доколку го придружува до неговиот дом, по што почнал да го допира за меѓуножјето. Литл станал и си заминал од клубот каде што се случил инцидентот и кога се вратил утредента веднаш му соопштил на сопственикот што се случило.
Против Кевин Спејси веќе се води еден случај за сексуало искористување на малолетник, кој датира од 1986 година, во самите почетоци на неговата актерска кариера.