Ќе се истражуваат тврдењата на Бејли, Камчев и Панделевски заминаа во домашен притвор
Ќе се активира Судскиот совет за да го истражи тврдењето на американскиот амбасадор Џес Бејли дека судии се повикувале на него, кога носеле одлуки за притвори или пресуди на лица против кои се водат судски процеси, а во меѓувреме од притвор излегоаа Орце Камчев и Цветан Панделевски, кои се осомничени во случајот „Империја”.
Освен писмото на Бејли, јавноста ја разбранува и веста што ја објавија некои од медиумите дека Владата во договор со опозицијата планира измени на Кривичниот законик со кои би се намалиле казните на некои од осомничените за кои во моментов се водат случаи. Владата тврди дека нема да има нова амнестија преку измена на Кривичниот законик, но во меѓувреме измените со кои се намалуваат затворските казни поминаа во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Бејли испрати писмо до претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, во кое бара судии да не ја посочуваат Амбасадата на САД за одговорна за одлуките што тие ги носат за притворите и пресудите.
-Во изминативе седмици, на моите колеги и мене во повеќе наврати ни беше кажано дека судии, наводно, припишувале одлуки донесени во тековни судски предмети, истраги и притвори на „инструкции од Американците”. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината. Соединетите Држави поддржуваат и се залагаат за независност на македонското судство. Ние веруваме дека судиите треба да носат одлуки врз основа на важечките закони и дозволени докази, а не врз основа на какви било политички проценки или интервенциии од некоја политичка или владина личност. Тоа е наша конзистентна порака, јавно и приватно, вели тој во писмото.
Бејли во писмото со датум од 18 декември вели дека програмите на САД за обука и менторство биле дизајнирани за да ги унапредат професионалните вештини и отпорност на македонските судии со цел тие да можат да издржат надворешен притисок и да носат независни, издржани одлуки. Нагласува дека каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница е лажна.
-Длабоко сум вознемирен од ваквите постојани лажни гласини, со оглед на нашата посветеност за независно судство. Со цел да помогнете да се разобличат ваквите лажни наводи, Ве молам да ја споделите содржината на ова писмо со Вашите колеги судии со цел тие да се уверат дека нашата позиција е и ќе остане иста, а тоа е дека тие се независни во применувањето на законот и дека ништо друго освен фактите и законот не треба да влијае на нивните одлуки, се наведува во писмото на Бејли до Џолев.
Премиерот Зоран Заев вчера од собраниската говорница каде се одржуваше седница за пратенички прашања истакна дека на министерката за правда Рената Дескоска ќи и даде инструкции да го активира Судскиот совет да го истражи ова прашање.
– Судскиот совет сигурно ќе донесе одлука. Ако имало таква работа, да се посочи и да се понесе одговорност. Ако немало, САД да бидат на чисто, преку својот прв репрезент, американскиот амбасадор, бидејќи кога зборува амбасадорот, зборува земјата. Тоа е доволен сигнал да преземеме одредени дејствија и анализи за да видиме што е во суштина причината да дојде до такво писмо, рече Заев.
Тој веќе му наложил на неговиот советник за надворешна политика Дане Талески да контактира со заменик американскиот амбасадор.
Владата се огласи дека не планира нова амнестија и дека нема договор со опозицијата за проширување на опсегот на амнестирање на лицата кои сториле кривични дела преку измени во Кривичниот законик. Импликациите одеа во насока дека од овие измени меѓу другите ќе имаат корист обвинетите во случајот „Империја”.
А потоа во собраниската Комисија за политички систем поминаа измените на Кривичниот законик, со кои се намалува затворската казна за дела поврзани со злоупотреба на јавните набавки.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Комисијата, а за предлогот гласаа пратениците од СДСМ, ДУИ и од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Оние што останаа беа согласни дека треба да се менува членот 353 од Кривичниот законик бидејќи се користел за политички пресметки, а бил воведен од претходната власт. Станува збор за ставот со кој се предвидува одговорност за сите службени лица, кои со злупотреба на службената положба оствариле „некаква корист” да биде преименуван и да се бара одговорност само за оние кои оствариле „имотна корист”. Дел од обвиненијата, кои ги води СЈО се токму по членот 353.
Со новите измени се очекува да бидат опфатени делата во кои е обвинетата Елизабета Канческа Милевска, синот на пратеничката Владанка Авровиќ, Василије Авировиќ и за случајот „Тенк”.
Од Апелацискиот суд вчера потврдија дека Орце Камчев и Цветан Панделевски, кои се осомничени во случајот „Империја” излегуваат од затворот Шутка. Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје на двајцата им определи мерка куќен притвор. Доцна синоќа тие. во придружба на полицијата, заминаа во своите домови.
Освен за Камчев и Панделевски и за останатите обвинети во случајот „Империја” е побарано мерката притвор да се замени со поблага мерка, односно домашен притвор, потврдија за МИА од СЈО. Камчев има поднесено жалба и до Апелацискиот суд. Тој понуди и гаранција од околу 14 милиони евра.
Од Специјалното обвинителство велат дека за Сашо Мијалков, кој исто така е обвинет во случајот „Империја” се уште нема дадено мислење. Предлогот за преиначување на мерката од страна на СЈО е поднесен вчера, а најверојатно денеска ќе се одлучува за неговото барање.
Освен за обвинетите во „Империја”, побарано е да се замени мерката притвор во домашен притвор и за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски.
Јавното обвинителство вчера соопшти дека се доставени вкупно 66 барања за амнестија, согласно Законот за амнестија, од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Од нив во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пристигнале 29 барања, а до овој момент е дадено позитивно мислење за 12.
-Пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, вработените во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Елена Божиновска и Иван Цветановски, обвинетиот Захарије Симовски, браќата Стефан и Михаил Младеновски, Митре Питроповски, Илија Славевски, Јохан Тарчуловски се оние кои добија милост од државата, изјави синоќа за 24 Анализа, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
Во Основното јавно обвинителство Скопје, пак, пристигнати се 37 барања за амнестија.
Обвинителството не е врзано со рок за произнесување по барањата.