Ричард Овертон, најстариот ветеран од Втората светска војна и најверојатно најстариот маж во САД, почина во Тексас на 113 години.
Како што соопшти неговото семејство, Овертон почина вчера во центарот за рехабилитација во Остин.
Тој беше хоспитализиран поради запаление на белите дробови, но пуштен дома на Бадниковата вечер на 24 декември.
Имал околу 30 години кога доброволно се пријавил за во војска. Бил на Перл Харбор по јапонскиот напад во 1941 година.
Во една прилика изјави дека една од тајните на неговата долговечност е пушењето цигари и пиењето виски, пренесе „АП“.
Родендените на Овертон во последните години го привлекуваа вниманието на јавноста, па на тој ден пристигнуваа непознати луѓе во неговиот дом за да го запознаат.
Дури и по стотата година, Овертон ја посетуваше локалната црква.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот го нарече стогодишникот ‘американска икона и легенда на Тексас’.
Овертон е роден на 11 мај 1906 година во близина на Остин.