Четворица возачи на автомобили со присуство на алкохол во крвта открила полцијата при сообраќајна акциска контрола на 50 возила во Охрид што Секторот за внатрешни работи ја реализирал во текот на ноќта.
Возачите, како што појасни портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, веднаш биле исклучени од сообраќај и одземени им се возачките дозволи.
-Против нив, Полициската станица за безбедност во сообраќајот Охрид, ќе поднесе соодветни пријави. За време на акциската сообраќајна контрола, полициските службеници регистрирале и вкупно шест други прекршоци поради што, издадени се мандатни платни налози, изјави Димоски.
За време на претстојните празнични денови, најави, СВР Охрид ќе ги интензивира сообраќајните, како и останатите контроли на целото подрачје.
-Целта е подигнување на степенот на сообраќајната безбедност, поголемо почитување на сообраќајните правила и прописи и зачувување на поволната безбедносна состојба, информира Димоски.