Поминаа пет години од страшната несреќа која целосно го промени животот на еден од најдобрите возачи на сите времиња, Михаел Шумахер и неговото семејство, а за прв пат по пет години од настанот кој го потресе спорт и целата планета проговори човекот кој прв му пружи помош на возачот.
Стефан Бозон ја раководел спасувачката служба која на 29 декември 2013 година добила аларм за „пад со тешки последици” во Марибел на француските Алпи, а за германската агенција „Фокус”, зборуваше за моментите веднаш после падот.
– Колку и да звучи лудо, Шумахер имаше среќа што хеликоптерот воопшто успеа да пријде до местото на несреќата. Тоа е тешко достапен дел, има патеки наоколу, а наклонот не е мал. Никогаш нема да ја заборавам гледката- каменот од кој падна Михаел и оној во кој удри, изјави Бозон.
Според него, истрагата покажала дека Шумахер и неговиот син скијале надвор од обележаниот дел од патеката. И покрај тоа, последиците немало да бидат толку сериозни ако тој ден, како што бил случај ден претходно, врнело снег.
-Наместо тоа, мразот го покри каменот толку да не можеше да се види. Тоа беше тенок, но недоволен слој. Шумахер не го видел каменот и не можел да премине преку него, туку го удри. Сето тоа е неверојатен сплет на околности, но велам, среќа е што воопшто стигнавме до него со хеликоптерот и го транспортиравме во болница каде му го спасија животот, вели Бозон.
Тој не ги откри информациите што можат да му наштетат на Шумахер и на неговото семејство, па само ги опиша моментите кога стигнал до местото на несреќата.
-Само ќе кажам дека кога дојдовме до местото на падот затекнавме неколку луѓе, скијачи, како и работниците кои се задолжени за патеката. Ниту еден од нив не е виновен. Шумахер и неговиот син беа во небезбедна зона, заврши Бозон.