Влатко Ѓорчев: Заев ја загуби поддршката од неопределните, револтот секојдневно расте

Семејството пред се. Тоа е животното мото на Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, политичар без влакна на јазикот, но ценет и почитуван од политичките противници како вреден, посветен и чесен човек. Глобалист, но со Македонија во срцето. Еден од најактивните политичари, кој стигнува секаде и секогаш, но на крајот на денот е со своите најблиски. Обврски плус деца еднакво на тренинг за триатлон, вели Ѓорчев во интервјуто за 24 Инфо.

Сопствен кандидат за претстојните претседателски избори по секоја цена, или партијата можеби ќе прифати да подржи кандидат предложен од останатите опозициски партии?

ВМРО-ДПМНЕ следниве недели ќе ја почне процедурата за избор на претседателски кандидат. Јавноста, членството и симпатизерите ќе имаат можност да ги слушнат неговите или нејзините ставови. Убеден сум дека ќе го имаме најдобриот кандидат. Секако, ќе соработуваме со повеќе опозициони партии и на тој начин ќе го максимизираме опозиционото расположение кое провладува кај народот.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на протестите најавува сигурна победа на претседателските избори, а во одредени политички кругови се зборува дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги бојкотира. Дали станува збор за спин, во смисла дека токму владејачката гарнитура сака да направи бојкот за да пропаднат изборите и претседателот на Собранието ја преземе функцијата претседател?

Јасно е дека во државата има големо незадоволство од Владата на Заев, а тоа незадоволство преминува во револт кој секојдневно расте. Претседателските избори ќе бидат можност граѓаните да испратат јасна порака до власта. Очекуваме победа, а ВМРО-ДПМНЕ ќе биде јасен предводник на опозиционото расположене кое станува доминантно. Власта на СДСМ е едно големо разочарување, не ги исполнија ветувањата и казната од народот ќе дојде на првите наредни избори, а тоа се претседателските избори.

Дали Македонија на следните избори може да добие  жена претседател?

Секако дека е можно. Нашето демократско општество дава шанса на секој. Жените се силен мотор во нашето општество и добро е што расте бројот на жени во јавниот живот и во политиката. Женските иницијативи заслужуваат поддршка во јавноста. Секој има право да се кандидира, а граѓаните го имаат последниот збор. Изборот е демократска придобивка.

Ќе обезбеди ли Зоран Заев 80 гласови во Собранието за да се усвојат уставните измени?

Не може со сигурност да се оцени што точно ќе се случи. Факт е дека целиот процес на уставни измени беше прилично насилен, со бројни уцени. Факт е дека огромното мнозинство на граѓани се силно приврзани за уставното име Република Македонија.

Познато е дека сте поборник на многудетни семејства и ги саката децата, имате четири деца дали планирате уште деца со сопругата?

За шест години имавме четири деца и во таа приказна мојата сопруга е главниот херој. Огромна и вечна благодарност за нејзината поддршка во мојата работа и за целата грижа за нашите деца.

Бидејќи сопругата Сузана е Американка, дали семејно прославувате Божик два пати или само еднаш, независно православен или католички? Дали сте поборници на традицијата, но и кај семејството на сопругата во САД?

Ги прославуваме православниот Божик, Велигден и сите наши македонски празници, но секако ги почитуваме и празниците на мојата сопруга. Традицијата е нашиот бит, тоа покажува кои сме и што сме како Македонци.

Како го поминувате слободното време, секако го немате многу, дали имате некое хоби, спорт или слична занимација која ви овозможува да се релаксирате?

Фудбал, кошарка и многу читање. Плус, секој ден играње со сите четири деца, а тоа е еднакво на еден секојдневен трениг во триатлон. Мојата Сопруга Сузана, заедно со нашите деца Марта (8), Филип (6), Никола (5) и Катерина (2) се мојата најголема поддршка, за кои човек вреди да се бори и живее.

Игор Шегавиќ

Треба да знаете
Последни објави