Позната галерија бара да ѝ се врати уметничко дело украдено од нацистите

Директорот на галеријата „Уфици“, познат музеј во Фиренца, од Германија побара враќање на слика од холандскиот сликар Јан ван Хујсум од 18. век, која нацистите ја украле за време на Втората светска војна.

„Упатуваме барање до Германија во 2019. конечно да ја врати познатата слика „Вазна со цвеќиња“ на холандскиот сликар Јан ван Хујсум, украдена од нацистите“, се вели во соопштението на Ејке Шмит, директор на галеријата „Уфици“, кој е германски државјанин.

Тој објасни дека сликата моментно ја поседува германско семејство, кое дури и по бројните реакции од Италија се уште ја нема вратено во музејот.

Станува збор за слика изработена во техника масло на платно со големина од 47×35 сантиметри, потпишана од Јан ван Хујсум (1682-1749), познат сликар на мртва природа.

До враќањето на оригиналот во Фиренца е изложена црно-бела репродукција со назнака „украдена“ на италијански, англиски и германски јазик, како и кратко објаснување дека делото го украле нацистички војници во 1944 година и дека денеска се наоѓа во германска приватна колекција.

Треба да знаете
Последни објави