Уште пет лица обвинети за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија добија амнестија. Станува збор за лица кои беа обвинети за учество во толпа и првично добија условна казна, а потоа пресудата беше преиначена со затворска.
-Одделот за Кривично полнолетни при Основниот суд Скопје 1 постапувајќи по добиени барања согласно Законот за амнестија на настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, а по добиени мислења од надлежното обвинителство, донесе решенија и денеска ги експедира до странките, а со кои барањата на А.С., Д.М., Д.В., С.П. и Б.М. опфатени во предметот со К.бр. 752/17 ги уважи, додека сите преостанати барања се одбиени како неосновани, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Со овие решенија Основниот суд Скопје 1, како што посочуваат оттаму, во законски утврдениот рок постапи, донесе решенија и истите ги достави до странките по однос на сите барања поврзани со Законот за амнестија на настаните од 27– ми април 2017 година во Собранието на Република Македонија.
Амнестирани од овој случај се: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Побараа, но не добија амнестија: Горан Јошевски-Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски Ќосето, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Никола Митревски-Кољо, Вилијам Михајловски, Митко Пешов, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Младен Додевски, Влатко Трајков, Оливер Поповски.
Воопшто не побараа амнестија пет лица: Митко Чавков, Душко Лазаров, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ.