Премиерот Зоран Заев е оптимист дека ќе успее да го обезбеди потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија пред финалното гласање на уставните измени неопходни за имплементација на Договорот од Преспа иако вели дека поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.
Заев деновиве, во рамки на консултациите со политичките партии за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени, има средби со лидерите на албанските опозициски партии „Беса” и „Алијанса на Албанците” кои единствено поднесоа амандмани на уставните амандмани во предвидениот законски рок, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во измените.
-Двете опозициски партии од албанскиот блок досега беа конструктивни во однос на процесот на уставни измени. Дел од нивните сугестии се вградени. Сите политички партии силно го поддржуваме процесот на евро и евроатланските интеграции, но со нив ќе разговараме и за оние работи за кои имаат резерви, порача македонскиот премиер.
На вчерашната средба со претседателот на опозициската „Беса”, Билал Касами, информираа од владината прес-служба, било договорено да се одржи уште еден состанок, најдоцна до вторник, на работна група составена од претставник од Кабинетот на претседателот на Владата, како овластен предлагач на уставните амандмани и на уставниот закон и претставници од раководството и пратениците од „Беса”, за да се разгледаат детално предлозите и да се дефинираат конечните позиции.
Во вчерашното интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон”, пак, Заев нагласи дека Договорот од Преспа во иднина не може да се промени и изрази надеж дека решението меѓу Македонија и Грција ќе добие зелено светло од пратениците и во двете земји, но не ја крие и неговата загриженост. Упати порака до грчките граѓани дека сите одлуки што се носат од македонските институции се засекогаш.
-Процесот во нашите земји е неповратен. Не постои можност некој да го смени Договорот од Преспа. Пред се, станува збор за закон и исто така тоа е уставна промена. Го променивме нашиот Устав бидејќи веруваме во подобра иднина за нашите граѓани и за целиот регион и за да пратиме порака до Европа за европски Балкан, коментира македонскиот премиер во интервјуто што го пренесе МИА.
За процесот кај нас, вели дека во овој момент не знае колку пратеници ќе гласаат „за”, но верува дека ќе бидат над 80. -Секако, процесот се води во консултација со грчката Влада, бидејќи е важно да биде во духот на Договорот од Преспа, со единствена цел зајакнување на нашето пријателство, вели Заев.
Искажа загриженост и за претстојните процеси во грчкиот Парламент, едниот за ратификација на договорот, другиот за ратификација на протоколот за членство во НАТО. -Да, загрижен сум, како што сум загрижен и за нашето Собрание, бидејќи, на крајот, гласаат пратениците, посочи Заев.
Од Кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас оценија дека со интервјуто премиерот Заев ги разби сите аргументи на лидерот на грчката опозиција Киријакос Мицотакис против Договорот од Преспа.
-Сега кога самиот Зоран Заев целосно ги урива псевдо-толкувањата на екстремно десничарската група на Нова демократија за националност, јазик и отстапување, што ќе прави господинот Мицотакис? Зад кој нов смешен аргумент ќе се скрие за да ги задоволи неговите екстремно десничарски водачи?, прашаа од Кабинетот на Ципрас.
Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува следната недела на 9 јануари кога е закажана седница на Собранието на Република Мкедонија за усвојување на уставните измени. За да помине текстот на амандманите на Уставот предложен од Владата треба да биде поддржан од најмалку две третини од пратениците во законодавниот дом или од 80 пратеници. Потоа топката се префла во Грција, а премиерот Заев верува во зборот на неговиот грчки колега Ципрас, дека има парламентарно мнозинство за да се ратификува Договорот од Преспа.