Мицкоски: Власта зема од народот за да си ги финансира тендерите склучени во четири очи
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со граѓани и симпатизери од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Јегуновце.
Од опозициската партија информираат дека Мицкоски на средбата најпрво се осврнал на црнилата кои, како што рекол, ги спроведува Зоран Заев и СДСМ, како и на лошата економска политика која директно удира врз граѓаните на Република Македонија.
Мицкоски истакнал и дека Зоран Заев и Кочо Анѓушев во 2017 година во Јегуновце ветувале подобар живот, како и рестартирање на фабриката Југохром, но, како што посочил, и после долг период се уште нема ништо од нивните ветувања.
„Овде во Јегуновце дојдоа 2017 година, јуни месец кога премиерот гордо велеше дека ќе направел се за да ги врати луѓето на работа, да го рестартира Југохром. Па после него есента чинам, октомври дојде Анѓушев и велеше до мај, ако не е мај тогаш јуни сигурно стартува со работа Јегуновце. Но, еве помина мај, јуни, помина и октомври и ноември, декември, еве и јануари дојде 2019 година и сега имаме ново ветување ако не минатите мај и јуни, сега оваа 2019 година сигурно ќе било. Но, тоа се само обични шарени лаги. Нема ништо да се случи“, рекол Мицкоски во обраќањето пред граѓаните и симпатизерите.