Летот за околу 200 патници на линијата Лондон-Солун, кој обично трае околу три часа, се пролонгирал на речиси 24.
Поради маглата на аеродромот во Солун, авионот на компанијата „Рајанер“ бил пренасочен, па така во петокот навечер слетал во Темишвар, Романија.
Многу патници, веќе вознемирени поради тоа што авионот не бил пренасочен на аеродром поблиску до нивната крајна дестинација, биле уште повеќе разгневени кога компанијата им понудила со автобуси да ги пренесе до Солун кој од романскиот град е оддалечен околу 770 километри.
Според агенцијата АП, 89 патници ја одбиле понудата на компанијата. Некои од нив ги контактирале грчките медиуми и власти со цел да издејствуваат во Темишвар да биде испратен авион на грчки авиопревозник.
Оваа група од 89 патници пристигнала во Солун во саботата околу 17 часот попладне.