Германија подготвува закон што на вработените би им го олеснило работењето од дома, јавува „Шпигел“.
„Дигитализацијата на пазарот на трудот се менува и ние мораме да целиме кон тоа од промените да профитираат вработените“, изјави Бјоерн Боенинг од германското Министерство за труд.
Според студија на Германскиот институт за економски истражувања, во моментов само 12 проценти од вработените повремено работат и од дома, во рамки на т.н. ‘home office’ програма, иако потенцијалите се многу поголеми.
„Работењето од дома е можно кај четириесет проценти од работните места во Германија“, се наведува во студијата, од која истотака произлегува дека најголема препрека за широка примена на оваа пракса е отпорот од страна на претпоставените.
„Ние сакаме законски да го втемелиме правото за работа од дома. Работодавачот тогаш би требал да ја обраложи забраната за работење од дома“, изјави Боенинг.
Таков закон веќе е на сила во Холандија.
Според студијата, работењето од дома носи предноси и недостатоци за вработените. Докажано дека оние кои работат од дома долго, имаат проблем со раздвојување на работното и приватното време и напредуваат поретко. Истовремено, оние кои работат од дома се задоволни од својата работа и покажуваат поголема продуктивност за разлика од оние кои се наоѓаат во компаниите.