Саудијката, Рахаф Мохамед ел Канун, која има само 18 години, бегајќи од членовите на своето семејство за кои тврди дека физички и вербално ја малтретираат, се забарикадира во хотелска соба на тајландски аеродром.
Таа одбива да им дозволи на службениците за имиграција да ја спроведат на лет за Кувајт, бидејќи се плаши дека семејството ќе ја убие.
Девојката се наоѓа на тајландскиот аеродром од саботата, кога тајландската Служба за имиграција и го одбила влезот, а Рахаф тврди дека тоа е направено по барање на Саудиска Арабија, објави „Ројтерс“.
Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија ги негираше нејзините тврдења дека нејзиниот пасош бил одземен во саудиската амбасада, со објаснување дека таа всушност била запрена на аеродромот поради кршење на тајландските закони за имиграција.
Рахаф Канун на „Твитер“ објави слика на која се гледа како вратата на хотелот ја блокирала со маса и душек.
Тинејџерката за агенцијата „Ројтерс“ изјавила дека побегнала од Кувајт, каде што живеела со семејството, односно дека планот и бил да замине за Тајланд, а од таму за Австралија, каде има намера да побара азил.
„Мојот брат и семејството и луѓето од амбасадата на Саудиска Арабија ќе ме чекаат во Кувајт. Едноставно, тие ќе ме убијат“, рекла таа во говорна порака.
„Мојот живот е во опасност. Семејството се заканува дека ќе ме убие поради тривијални работи“, истакнала Рахаф .