Во основно училиште во пекиншкиот кварт Синченг денеска во напад со ладно оружје повредени се 20 ученици од кои најмалку тројца имаат тешки повреди, а според информации објавени од кинескиот весник South China Daily Post, нападот го извршил поранешен чистач во училиштето кој таму извесен период бил на пробна работа.
Се наведува дека тој бил гневен поради тоа што не го минал пробниот период.
Дел од локалните медиуми тврдат дека нападот бил извршен со нож и оти децата имаат повреди на главите.
Кинеската агенцијата „Ксинхуа“ објави дека нападот се случил во 11:15 часот претпладне по локално време.
Локалната полиција преку кинеската социјална мрежа „Веибо“ објави дека тројцата најтешко ранети ученици се во стабилна состојба и дека нивните повреди не се опасни по живот.
На интернет беше објавено видео од состанокот на училишниот персонал и родителите на учениците, каде што на родителите им било кажано дека нападот бил извршен од страна на вработен во училиштето.
Засега не е познато како е извршен нападот, но се споменува дека како оружје биле користени чекан или нож.
Очевидец од местото на настанот изјавил оти полицијата го зголемила обезбедувањето околу пекиншката детска болница каде што се сместени повредените ученици.
Во видеоснимките што се појавија во меѓувреме прикажани се десетици гневни родители кои бараат детали за тоа што се случило, како и директорот на училиштето кој ги опоменува да престанат да снимаат со мобилни телефони.