Притворениот 20-годишен Германец поради кражба на податоци од големи размери им рекол на истражителите дека дејствувал самостојно и оти бил бесен поради изјавите на политичарите, новинарите и други јавни личности, чии податоци ги открил, соопшти денеска германската Канцеларија на федералната криминалистичка полиција (БКА).
Германската јавност во петокот беше погодена со информацијата дека бројни приватни телефони, фотографии и пораки на политичари и јавни личности се објавени на интернет преку Твитер налог.
Дојче веле наведува дека меѓу речиси 1.000 лица погодени од нападот се и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, канцеларката Ангела меркел, новата претседателка на Христијанско-демократската унија Анегрет Крамп-Каренбауер и шефицата на Социјалдемократската партија на Германија Андреа Алес. Медиумите наведуваат дека се објавени податоци на пратеници од сите партии, освен ултрадесничарската Алтернатива за Германија.