Најкриминалната партија во Европа, ВМРО-ДПМНЕ, самата заглавена во корупциски скандали, го кочи изборот на нови членови на Државната комисија за спречување на корупција во Собранието, велат од владејачката СДСМ.
Додаваат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го условуваат носењето на Законот во Собранието со неразумни предлози, како што истакнуваат, спротивни на препораките на експертите од Европската Комисија.
Целта на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски е да нема силна, независна Комисија за спречување на корупцијата односно да нема вистинска контрола над корупцијата којашто токму тие ја распространија до невидени размери, обвинуваат од владејачката партија.
„Едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ е ДКСК да нема директен увид во сметките на функционерите туку тоа да се прави преку УЈП. Овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ ја намалува независноста на ДКСК затоа што Управата за јавни приходи е институција којашто е дел од извршната власт. Не може институција дел од извршната власт подобро да ги контролира избраните функционери од независна институција како што со новите законски решенија е предвидена да биде ДКСК“, стои во партиското соопштение.
Исто така, наведуваат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ бара ДКСК да не врши контрола на финансирањето на политичките партии, што, според нив, е целосно неразумно и најдобро ги покажува намерите на оваа партија.
„Јавноста знае, токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата за чие финансиско работење односно сомнителен начин на финансирање и отворени сомнежи за перење пари е отворен случај од страна на СЈО. Финансирањето на политичките партии мора да биде под целосна контрола на ДКСК за да нема било какви сомнежи“, велат од СДСМ.
Додаваат и дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ да не може било кој граѓанин да поднесе пријави во делот на финансирањето е уште едно барање на опозициската партија целосно спротивно со препораките на експертите од ЕК.
„Со цел да ја разводнат и ослабнат позицијата на ДКСК, ВМРО-ДПМНЕ предлага формирање на некаков Национален совет. Зад ова барање се крие обид за разводнување на ингеренциите на ДКСК и да се ослабе најсилната независна институција за борба против корупцијата“, сметаат од владејачката паритија од каде додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да го кочи процесот за избор на професионална Државна комисија за спречување на корупцијата.