Рома минатата сезона успеа да стигне до полуфиналето од Лигата на шампионите, а Римјаните и оваа година се пласираа во нокаут фазата.
Иако за многумина се чини дека тоа е невозможно, Алесандро Флоренци верува дека Рома може да стигне до титулата од Лигата на шампионите.
„Купот на Италија би можел да биде важен за Рома. Дури и ако знаеме дека Серија А е невозможно да се освои, ние имаме цел, а нашата цел е Лигата на шампионите. Не велам дека тоа е утопија, но ние навистина би сакале да направиме нешто како минатата година и да одиме чекор понатаму“, изјави Флоренци.
Рома инаку моментално во Серија А се наоѓа на шестото место на табелата со 30 освоени бода, а во осмина-финалето од Лигата на шампионите римскиот клуб ќе ги одмери силите со португалски Порто.