Директорот на руската вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин денеска изјави дека неговата посета на САД на покана на НАСА е откажана бидејќи во тек е „втората американска граѓанска војна”.
– Америка всушност е зафатена со својата втора граѓанска војна. НАСА падна жртва на внатрешната борба во САД, а целата ситуација со списокот санкции е срамота. Тоа е целосно меѓународно беззаконие и воопшто не ме интересираат мотивите според кои се водеа луѓето во администрацијата на Обама или во актуелниот Сенат, истакна Рогозин.
Тој додаде дека НАСА е заинтересирана за верзијата на Роскосмос за ракетите Сојуз за летови на Месечината.
НАСА претходно соопшти дека ја известила руската страна за одложување на планираната посета на Рогозин на САД, но оти продолжува со подготовките и покрај критиките во Вашингтон.