Oд почетокот на вакцинацијата против сезонски грип од 5 ноември 2018 година до првата недела од јануари против сезонски грип се вакцинирале 19.942 лица, односно 71,2 отсто од вкупниот број на набавени вакцини, информираат од Институтот за јавно здравје.
Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од центрите за јавно здравје се вакцинирале 19.322 лица, се вели во извештајот што го објави Институтот за јавно здравје на својата веб страница. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 10.955 лица или 56,7 отсто, на возраст од 30-64 години – 7.366 лица или 38,1 отсто, додека на возраст од пет до 29 години се 196 или еден отсто. Вакцинирани се четири деца на возраст под пет години. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 801 лица или 4,1 отсто. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.089 лица или 72,9 отсто се со историја на хронично заболување.
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 1.414. а текот на изминатата недела (од 31 декември до 6 јануари) во Република Македонија се регистрирани 196 заболени од грип, што е намалување за три отсто, споредено со неделата пред неа, кога беа регистрирани 202 случаја, стои во извештајот.
Најголем број заболени (146) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 13 на 100.000 жители е регистрирана кај лицата од возрасната група од пет до14 години. Најголем број заболени, 73, се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар каде се регистрирана и највисока инциденца.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување и поради тоа препорачуваат вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи, согласно препораките на СЗО, потенцираат од Институтот за јавно здравје.