Македонското Собрание вчера ги усвои уставните измени, кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името, со што македонската страна ја исполни својата обврска од договореното, а сега на потег е грчкиот Парламент да го ратификува Договорот, со што ќе се отвори патот за интегрирање на земјава во ЕУ и НАТО.
Пратениците со двотретинско мнозинство од 81 пратеник вчера во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен е и Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Седницата почна во средата на 9 јануари, но беше неколку пати презакажувана поради барањата на Беса на Биљал Касами за интевенирање во амандманите во делот на дефинирањето на државјанството и дијаспората. Договор беше постигнат за дел од барањата на Беса, откако претходно беа прифатени и дел од барањата на Алијансата на Албанците на Зијадин Села, со што беше обезбедено потребното двотретинско мнозинство за третата фаза од измените на Уставот.
Македонија согласно договореното ќе се преименува во Република Северна Македонија, а државјанството останува македонско/државјанин на Република Северна Македонија, но тука е прифатен амандман на Уставниот закон, на Беса, со кој се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.
Со амандманот XXXIII во Уставот зборовите „Република Македонија” се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија”, а зборот „Македонија” се заменува со зборовите „Северна Македонија”, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.
Амандманот XXXIV предвидува во Преамбулата на Уставот на Република Македонија да се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници”, „одлуките на АСНОМ” се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ”, по зборот „година” се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор”, а се бришат зборовите „одлучија да”. Тука е прифатено барањето на Алијансата на Албанците – Преамбулата на Уставот ќе гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите”.
Амандманот XXXV гласи „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”. Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.
Устав на РМ
Амандманот XXXVI посочува дека „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со тактовината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Со овој амандман се заменува членот 49 и амандман 2 од Уставот на Република Македонија.
На седницата не присустуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на партијата вчера цел ден заседаваше, а по изгласувањето на измените партискиот лидер Христијан Мицкоски излезе со барање веднаш да се распушти Собранието и да се распишат вонредни парламентарни избори, заедно со претседателските.
-Според законските прописи и врз основа на минатото искуство на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и волјата на мнозинството граѓани ќе биде испочитувана. Потребни се избори на кои Заев ќе падне, а Македонија ќе победи, народот ќе каже каква Македонија сака, Северна Македонија на Заев, понижена и засрамена или Македонија на народот, горда, напредна и почитувана, рече Мицкоски.
Сега на потег е грчкиот Парламент да даде поддршка за договореното, а со ратификацијата од страна на грчките пратеници се очекува и потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Македонската страна Договорот го ратификува набргу по неговото потпишување. Собранието на 19 октомври со 80 гласа ја донесе одлуката за пристапување кон уставните измени. За втората фаза, која помина минатиот месец, беа потребни 61 глас од вкупно 120 пратеници.
Во Грција ратификацијата ќе помине ако поддршка на Договорот му дадат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници, а грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека веднаш откако Договорот ќе помине во македонското Собрание, ќе се преземат мерки во Грција.
-Имам намера, имам за цел, штом секако се изгласа во собранието на Скопје и штом биде информирано Министерството за надворешни работи, штом се информира со дипломатска коресподенција за резултатот, но и за членовите од уставот, штом се информира за завршувањето на процесите во соседната земја, веднаш да го доставам резултатот до претседателот на државата, до претседателот на парламентот, до партиите. Партиите ќе имаат слика какви промени се направија, што се направи, дали се задржува рамката на договорот што го потпишавме и веднаш потоа ќе се договорам со претседателот на парламентот за да почнат процесите, објасни грчкиот премиер.
Проценките на Ципрас се дека на македонската страна нема да ѝ биде потребно повеќе од една седмица за да ја извести Грција.
Уставните измени ќе стапат на сила откао Договорот од Преспа и Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО ќе биде ратификувани во грчкиот Парламент.