Кастанер: Билансот од експлозијата во Париз е тежок, станува збор за несреќен случај

Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер, кој веднаш го посети местото на експлозијата во Париз, изјави дека „билансот од експлозијата е тежок”, јавува дописникот на МИА.

Во моментов има најмалку 20 повредени, во експлозијата се повредени и тројца пожарникари кои интервенирале при запирање на истекување на природен гас, кој според министерот Кастанер е најверојатно и причината за експлозијата.

Двајца од повредените се во животна опасност, седум лица се потешко и единаесет полесно повредени.

Министерот исто така појасни дека првите индикации зборуваат очигледно дека станува збор за несреќен случај, и додаде дека  не постојат нови опасности од нови експлозии.

Експлозијата се случи во 9-от арондисман на Париз на улицата Тревис, нешто пред 9 часот изутринава.

Околу 10 часот, премиерот, градоначалникот на Париз Ана Хидалго и парискиот обвинител Реми Хeиц беа на самото место, додека хеликоптер леташе над местото на експлозијата, кои некои ја опишуваат како земјотрес. Според министерот за внатрешни работи, околу 200 пожарникари и 100 полицајци биле мобилизирани:

Градот Париз отвори посебно прифаќалиште за околните жители на зградите во градското собрание на 9-от арондисман.

Треба да знаете
Последни објави