Прекин на делумната блокада на американската влада, предизвикана од барањето на претседателот Доналд Трамп за5,7 милијарди долари за изградба на ѕид долж границата на САД и Мексико, во моментов не се гледа. Најмалку 800.000 вработени се без плата, а една недела ја чини земјата повеќе од милијарда долари.
Трамп од Белата куќа предупредува на можноста за многу подолг застој, за што ги обвинува демократите.
– Тие се задржуваат. На мене би ми требале 15 минути за да постигнам договор и сите може да се вратат на работа, изјави Трамп за Фокс.
Тој демантираше дека нема стратегија за прекин на делумната блокада на работата на федералната Влада на САД, но не отркива за каква стратегија станува збор.
Во интервју за Фокс, Трамп рече дека „нема идеја” дали може да обезбеди договор со претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси која се противи на неговото барање за изградба на ѕид на границата кон Мексико.
Демократите тврдат дека Трамп ја предизвикал блокадата на работата на државната управа одбивајќи план за финансирање договорен меѓу демократските и републикансите сенатори бидејќи не вклучувал средства за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница.
Прекинот на работата што почна на 22 декмеври, е најдолг во историјата на САД и надмина прекин од 1995/1996 во време на мандатот на Бил Клинтон. Денеска е веќе 23 ден.
Вработените во федерални служби со блокадата не добија први плати во петокот, што засили страв од фианнсиски притисок врз вработените.
Контролата на лет и службеници од аеродромски служби за безбедност продолжуваат да работат без плати.
Околу 800 илјади службенции не добиле плати, а дел од нив веќе почнале да продаваат недвижен имот или покренуваат хуманитарни акции за собирање пари за да платат сметки.
Од 1976 година досега имало 21 блокада на администрацијата и најголем дел од тие биле куси за да би влијаеле на економските прилики.
– Колку е подолга блокадата подолго е страдањето, изјави Бет Ен Бовино, економист во S&P ГGlobal Ratings и според неа, блокадата на администрацијата чини 1,2 милијарди долари неделно. Ако трае уште две недели, блокадата ќе чини колку и ѕидот – 5,7 милијарди долари, пари што ги бара Трамп, а кои демократите одбиваат да дадат согласност.
Блокадите од 1995 и од 2013 година покажаа дека економијата може брзо да се опорави, но од крајот на февруари сиромашни семејства би можеле да останат без помош за храна, а во прекин е и работата на санитарните инспектори.
Според американски медиуми, на фармерите не им се исплаќаат ниту субвенции за купување семиња и храна за стока, и вработените кои имаат договор со владата губат по 200 милиони долари на ден.
Шефот на американската тајна служба задолжена за заштита на претседателот, предупреди дека финансиските потешкотии може да предизвикаат депресија кај вработените.
Погоден е и туризмот, кој носи околу 18 милиони долари дневно во 400 национални паркови.
За 800 илјади вработени последиците од делумната блокада не се мали. Според агенции за недвижности, тие вработени имаат околу 438 милиони долари месечни обврски за наем или отплата на хипотеки.
Во делови од Вашингтон каде живеат околу 20 отсто службеници, ресторани се празни, такси возилата не се на улици, а сообраќајните метежи целосно исчезнаа.
Демократите сметаат дека изградбата на ѕидот е неефикасен и застарен приод за сложениот проблем, но донесоа во Претставничкиот дом неколку закони што овозможуваат деблокада на владата без финансирање на ѕидот, но Сенатот што е под контрола на републиканците, ги игнорираше.