Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Раул Гонзалез беше задоволен по денешната победа над Бахреин на СП, но сподели дека вистинскиот предизвик за нашите ракометари допрва претстојат.
– Бахреин, одигрa одличен натпревар, посебно со нивната одбрана во првиот дел. Мора да бидеме задоволни од досегашните натпревари, но вистинските предизвици допрва претстојат, изјави Раул по мечот.
Утре Македонија игра со Хрватска од 18 часот во првиот посериозен предизвик на Мундијалот, а во среда и четврток следат дуелите до Шпанија и Исланд со кои ќе се бориме за пласман во следната фаза.
За дуелот со тимот на Лино Червар, Шпанецот смета дека треба да „напаѓаме како против Јапонија, а да се браниме како против Бахреин”.
– Хрватска е селекција која ги има едни од најдобрите ракометари во светот и има амбиција да се бори за медели. Имаме почит кон нив, но ќе си ја бараме нашата шанса. На физички план мислам дека сме добро, ние сме на почеток на турнирот, ќе бидеме спремни, изјави Раул Гонзалез.