Германската автомобилска компанија „Мерцедес-Бенц“ трета година по ред ја задржа водечката позиција во светот кога станува збор за продажба на луксузни автомобили. Имено, компанијата и во 2018 година, го премина најголемиот конкурент „БМВ“ за речиси 200.000 возила.
Продажбата на „мерцедес“ автомобили пораснала за 0,9 отсто на 2,31 милион единици, поддржана од воведувањето на новиот модел од А-класата, што придонесе продажбата на компактни автомобили да претставува една четвртина од годишната продажба на оваа марка.
Продажбата на „БМВ“ порасна за 1,8 отсто на 2,12 милиони, поттикната од побарувачката за SUV модели, објави порталот „Аутомотив њуз Јуроп“.
Третопласираниот „Ауди“ се соочи со пад на продажбата од 3,5 отсто на 1,87 милиони.
Луксузните автомобилски брендови и натаму остваруваат корист од побарувачката за премиум модели во Кина, најголемиот светски автомобилски пазар, додека во Европа пордажбата на сите три производители бележи пад.
Кога станува збор за стариот континент, најмногу опадната е испораката на „Ауди“ (за дури 14 проценти), додека продажбата на „Мерцедес“ паднала за 2,3 проценти, а на „БМВ“ за 0,3 проценти.
Во САД, продажбата на „БМВ“ е зголемена за 0,5 отсто, додека продажбата на „Мерцедес“ и „Ауди“ бележи пад за 6,3 односно 1,4 отсто соодветно.