Шекеринска: Успеавме да ја внесеме нашата држава под чадорот на НАТО
клучните моменти кога Македонија требаше да си ја обезбеди својата целовитост и стабилност, кога на Балканот некои заговараат нови граници, успеавме нашата држава да ја вметнеме под чадорот на НАТО и да можеме не само на бизнисмените и на нашите луѓе да им кажеме дека можат да здивнат од типот на прашањата дали ќе ја биде државата.
Тоа го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вечерва во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5, говорејќи за уставните измени што беа изгласани во Собранието за примената на Договорот од Преспа.
Коментирајќи ги обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и најавите дека ќе ги ревидираат уставните измени и ќе постигнат подобар договор со Грција, Шекеринска рече дека тие 11 години биле на власт и да можеле ќе го решеле ова прашање.
– Ги слушам нивните тези дека тие ќе ги ревидираат уставните измени и ќе постигнат подобар договор со Грција. Би сакала тоа да е реалност, но 11 години оваа иста структура на ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, Да можеше тоа да го направи, ќе го направеше. Ама 11 години слушаме само обвинувања, оправдувања, одложувања на нашите планови. Тоа не успеаја да го направат ниту со Папандреу, ниту со Караманлис, ниту со Дора Бакојани. Како ли мислат да го направат новиот подобар договор со Мицотакис кој исто како нив е многу силен критичар на Преспанскиот договор, рече Шекеринска.
Таа оцени дека и во Македонија и во Грција еден дел од политичарите се решиле да гледаат напред, а опозицијата од типот на Неа демократија и ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, „фрла дрва и камења затоа што по малку се лути дека не успеале да постигнат ваков историски пресврт“.
Според Шекеринска, да имало вистина во тврдењата за притисоци врз пратениците во Собранието пред седницата за уставните измени тоа ќе излезело на виделина. – Досега не сум слушнала ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ или од новата пратеничка група да излезе и да каже дека некој им правел притосок или им се заканувал, освен заканите кои им доаѓале од нивната матична партија. Да имаше каква било вистина во сето тоа, Македонија е мала држава, се ќе излезеше на виделина, рече Шекеринска.
Во врска со барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори Шекеринска вели дека како член на раководството на СДСМ ќе каже „да, веднаш, затоа што тоа е најдобро решение за најголемиот дел од партиите што се на власт“.
– Раководството на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека бараат избори и се молат да не ги добијат, бидејќи знаат кои се состојбите. Знаат дека нема што да им понудат на еден дел од своите традиционални гласачи. Меѓутоа имаме обврска кога ја носиме одлуката да не ја носиме одлуката исклучиво како луѓе кои се од СДСМ или од партиите кои се во коалицијата. Таа анализа не се прави преку ноќ и не треба да биде диктирана од партиските интереси, рече Шекеринска.
Според неа, ВМРО-ДПМНЕ прави алиби и подготовка на јавноста за бојкотирање на претседателските избори затоа што знаеле дека резултатот ќе биде лош.
– Ако се надеваат дека имаат мнозинство гласови тогаш нема зошто да брзаат, ќе победат на претседателски избори и потоа под притисокот на таа победа ќе добијат можеби вонредни парламентарни избори и ќе имаат подобар резултат. Ова го читам повеќе како создавање на една мала патека во која после црнилата, после жалењето на притисоци и сите алиби приказни ќе излезат со тоа дека немаат храброст дури ни за соочување на претседателски избори. Тоа говори дека состојбите внатре во политичката партија им се познати и затоа не сакаат да ги мерат силите, и знаат дека резултатот ќе биде лош, рече Шекеринска