Русија: Уапсена Белорусинка која тврди дека ги знае „тајните на Трамп“

 Руската полиција ја уапси манекенката и ексорт дама од Белорусија, Анастасија Вашукевич, која го привлече вниманието со тврдењето дека има информации за руско мешање во изборите во САД во 2016 година, на кои победи актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

 

Како што јавија руските медиуми, Белорусинката била уапсена во Москва, веднаш по нејзиното пристигнување од Тајланд, од каде беше протерана поради проституција.

Вашукевич, позната под псевдонимот Настја Рибка, лани во февруари беше уапсена во тајландскиот град Патаја, заедно со уште девет странски државјани, под обвинение дека држеле „курсеви по секс“.

Руските власти засега не го потврдија апсењето на Вашукевич, но медиумите повикувајќи се на изјави на очевидци, наведуваат дека таа била уапсена на царинската контрола на аеродром во Москва, веднаш по пристигнувањето од Тајланд.

Вашукевич го привлече вниманието на јавноста со тврдењата дека му пружала ескорт услуги на рускиот олигарх Олег Дерипаска, кој бил близок пријател со поранешниот шеф на изборниот штаб на Трамп, Пол Манафорд, при што била сведок на наводна помош од Кремљ за американскиот претседател пред изборите, за што наводно поседува и снимки.

Таа не обелодени за каква „помош“ станувало збор, а многумина ја обвинија дека со таквите тврдења само сака да привлече внимание на себе.

Вашукевич е исто така авторка на книга во која објаснува како треба да бидат заведувани богати мажи.

Обвинувањата на Вашукевич за руска помош при изборот на Трамп беа демантирани и од Москва и од Вашингтон.

Треба да знаете
Последни објави