Австријката Рамона Зибенхофер ја освои првата победа во кариерата за Светскиот куп во ски-алпски дисциплини, откако триумфираше во спуст во италијанскиот зимски центар Кортина Д’Ампецо. 27-годишната Зибенхофер беше најбрза на скратената траса и заврши за 1:15,44 минути.
Линдзи Вон (САД), ѕвездата на алпското скијање кај дамите, се врати на патеката откако ја пропушти сезоната поради повреда на коленото. Американката направи грешка и остана едвај 15-та со 1:16,63 минути.
– Направив голема грешка во средината на трасата. Сепак сум задоволна. Ми треба време. Утре и во неделата имам уште една шанса, рече Вон пред „АРД”.
На Американката и требаат уште пет победи за да го подобри остварувањето на легендата Ингемар Стенмарк од 86 успеси во Светскиот куп.
Втора во Кортина Д’Ампецо остана светската шампионка во дисциплината Илка Штухец (Словенија) со заостанување од 40 стотинки од секундата, а трета на 46 стотинки заврши Стефани Фенир (Австрија).
Во генералниот пласман за Светскиот куп, Микаела Шифрин (САД) има огромно водство на врвот од 1.394 поени по 20 настапи. Втора е Петра Вухова (Словачка) со 898, а трета – Венди Холдер (Швајцарија) со 593 поени.
Во поредокот за малиот Кристален глобус во спуст води Никол Шмидхофер (Австрија) со 248 поени, која остана на 12-та позиција во денешното натпреварување. Втора е Илка Штухец со 238 поени а трета – Рамона Зибенхофер со 220 поени.