Надлежен јавен обвинител заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи синоќа го заврши увидот на лице место во угостителски објект во Кочани, каде вчера околу 17.00 часот едно лице беше рането со огнено оружје. Прибрани се траги од местото на настанот кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадени се наредби за прибирање податоци и земање исказ од очевидци, како и претрес на лица и објекти со цел утврдување на фактите во предметот.
Поради постоење на основано сомнение, надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истрага против едно лице за сторен квалификуван (потежок) облик на кривичното дело Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Настанот се случил откако меѓу повеќе лица кои претходно заедно седеле на маса, започнала вербална расправија. Потоа осомничениот извадил пиштол и испукал проектил во едно лице при што му нанел прострелна рана на сега оштетениот. Во моментот на пукањето, во угостителскиот објект имало присутни и други лица, кои осомничениот со преземеното дејствие ги довел во опасност што дава посебна тежина на кривичното дело кое го сторил. По пукањето, а поради сериозноста на повредата, оштетениот придружуван од едно лице – сведок на настанот, бил упатен во Скопје каде му е дадена медицинска помош. Сведокот е потоа вратен во Кочани, каде по барање на јавниот обвинител а пред судија на претходна постапка даде исказ за кривично правниот настан.
По претходно преземена координирана акција, утринава уште три лица кои присуствувале на кривично правниот настан се лишени од слобода и со нив се превземаат дејствија во насока на расчистување на настанот. Во моментов сторителот е недостапен на органите на прогонот.