Груевски ја повлече тужбата за клевета за Заев со која првично бараше половина милион евра
Утре нема да се одржи судско рочиште за тужбата за клевета и навреда од бегалецот Никола Груевски против премиерот Зоран Заев, потврдија од судот за „Макфакс“. Причина е тоа што Груевски преку адвокат во меѓувреме ја повлекол тужбата против Заев за неговата изјава за случајот „Македонска банка“.
Од Основниот суд Скопје 2 за „Макфакс“ велат: „Тужителот преку својот полномошник со поднесок го извести судот дека се откажува од тужбеното барање во целост. Со оглед на наведеното, на 8.01.2019 година, вон рочиште донесена е пресуда врз основа на одрекување, согласно со чл.318 од Законот за парнична постапка“.
Ова следува откако во септември лани пет врховни судии oдлучија позитивно за барањето за ревизија кое го поднесоа адвокатите на Заев. Со правосилна пресуда Заев беше осуден дека јавно го наклеветил експремиерот Никола Груевски за продажбата на „Македонска банка“.
Со пресудата на судијката Весна Калковска од Основниот суд Скопје 2, Заев беше требаше да му плати 50 илјади евра за клевета и навреда на Никола Груевски. Никола Додевски, тогашниот адвокат на премиерот Груевски, го намали побарувањето од Зоран Заев од првично побараните половина милион евра на 50 000 евра, со објаснување дека парите не се мотив за поднесување на тужбата, туку да се докаже чесноста на премиерот. Потоа Груевски преку Додевски се откажа и од таа сума.
Апелационите судии Лидија Димчевска, Радица Василевска и Енвер Беџети, во правосилната пресуда потврдија дека Груевски е наклеветен, но во решението побараа да се повтори постапката само за висината на изречената казна и повторно да се преиспита колку тежи душевната болка на поранешниот премиер.
Заев во изјавата пред јавноста тогаш рече дека таткото на криминалот во Македонија не е никој друг туку Никола Груевски и дека примил пари во кеш во износ од 1,5 милиони евра од странски бизнисмен и дека ја оштетил државата за 225 илјади евра за неплатен данок, како и дека лично ја продал „Македонска банка АД“ од Скопје на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини, преку четири офшор и две домашни компании коишто официјално поседувале 51% од акциите на банката, а биле под контрола на Никола Груевски.