Со цел обезбедување на висок степен на заштита на здравјето на луѓето, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе пакет програми за мониторинг на безбедност на храна и храната за животни за 2019 година. Одвоени се скоро милион евра кои ќе се употребат за сспроведување на неколку програми. Агенцијата за храна ги објави Програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија за 2019 година, Програма за користење на средствата за ветеринарно јавно здравство во 2019 година, Програма за контрола и превентива на одделни физички,хемиски и биолпшки опасности во определени видови или категории храна за 2019 година и Програма за мониторинг за безбедност на храна за животни за 2019 година.
–За реализација на овие програми предвидени се вкупно повеќе од 50 милиони денари. Целта на програмите е континуирано следење и правовремено превентивно откривање и одредување на ризици по здравјето на луѓето, заштитата на животните и животната средина низ целиот синџир на безбедност на храната. Мониторингот на безбедноста ќе се спроведува на различни видови или категории храна и во однос на различни параметри, кои претставуваат критериуми за безбедноста на храната, но, и во другите фази од интегрираниот синџир- велат во Агенцијата за храна.
Со програмите се одредува присуството и концентрациите на контаминентите во храната, се утврдува присуство на резидуи од пестициди во и на храната, миграцијата на одделни супстанции од материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храната, мониторирање можно присуство на ГМО-храна, микробиолошки критериуми и други опасности во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот.
–Во рамки на програмите, планирано е мониторирање на безбедноста на храната во однос на микробиолошките критериуми на одредени категории на прехранбени производи, за определување на присуство на резидуи од пестициди во однос на максимално дозволеното ниво (МДН) во производите од растително потекло, определување на максимално дозволени количества на специфични максимални нивоа на резидуи од пестициди или метаболити на пестициди во преработена храна на житна основа и детска храна за доенчиња и мали деца и пестициди кои не треба да се употребуваат во земјоделско производство на обработена храна на житна основа и детска храна за доенчиња и мали деца. Со оваа активност опфатена ќе биде и почетната формула за доенчиња и последователната формула за доенчиња- објаснуваат во Агенцијата за храна.
Со мониторинг програмата за безбедност на храната ќе се врши и мониторирање за определување на присуството на тешки метали во одредени видови прехранбени производи, определување на присуство на нитрати, на микотоксини, како и материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната. Мониторинг ќе се врши и за утврдување на присуството на ГМО храна, како и на производите од органско производство во Република Македонија и за храната третирана со јонизирачко зрачење.
–Како посебна програма се спроведува и мониторинг и контрола на одделни физички, хемиски и биолошки опасности од областа на прехранбените адитиви, нутритивни состав и други контаминенти. Во оваа програма дополнително ќе се направи контрола на одделни физички, хемиски и биолошки опасности, како и анализа на функционалните класи на прехранбени адитиви, нутритивните состојки на одделни видови храна и други опасности. Ќе се контролира и присуството и концентрацијата на адитиви во одделни видови или категории на храна, како и храна за посебна нутритивна употреба, контрола и утврдување на присуство на состојки кои не се наведени во означувањето на храната, а од оваа година за прва пат ќе се врши и контрола на присуство на акриламид во храната. Со програмата ќе се утврдува и можен ризик од појава и опасност од непријавена, неодобрена или новосоздадена состојка во производот- велат ексертите.
Во рамки на ветеринарно јавното здравство, ќе се спроведуваат програми за мониторинг на присуство на резиуди и недозволени супстанции кај живи животни, производи и суровини од животинско потекло, на исполнување на критериуми за исполнување на храна од животинско потекло, за сурово млеко, мониторинг на зоонози и причинителни на зоонози и мониторинг на антимикробна резистенција. Како посебна и годинава ќе се реализираат програмите за мониторинг на квалитет на храната од животинско потекло, за безбедност на храната за животни, и мониторинг на безбедноста на нуспроизводите од животинско потекло.
–Како посебна програма се издвојува и Програмата за мониторингот за безбедност на храната за животни која започна да се спроведува од минатата година. Со програмата се врши мониторинг на безбедноста на храната за животни заради откривање на присуство на резидуи, контаминенти и недозволени или непожелни супстанции, суровини и производи во храната за животни. Цел на оваа програма е утврдување на одредени несообразности во однос на прописите за безбедност на храната за животни. Оваа програма се применува во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храната за животни, со исклучок на примарното производство на храна за животни наменета за исхрана на животни кои се одгледуваат за производство на храна за луѓе за сопствени потреби во домаќинството- велат во Агенцијата.
Со оваа програма ќе се спроведат аналитички испитувања, за утврдување на микробиолошката исправност на храната за животни, одредување на нивото на непожелни супстанции во храната за животни и утврдување на присуството на забранети супстанции во храната за животни односно микробиолошки опасности, неоргански контаминенти и азотни соединенија, микотоксини, органохлорни соединенија, диоксини и полихлорирани бифенили, одобрени адитиви и контаминација со забранети животински протеини.
–Со програмите ќе се обезбеди континуирано следење на безбедноста на храната пласирана на пазарот во Република Македонија и правовремено превентивно реагирање доколу е тоа потребно, спроведување на активности на заштита на здравјето на луѓето од опасности поврзани со храната и храната за животни, следење на исполнување на стандардите од страна на производителите и превентивно спречување на појава на евентуални ризици. Програмите овозможуваат Агенцијата да обезбеди реализација на нејзините основни надлежности задоволителен степен на безбедност на храната, безбедност на храната за животни, заштита на животната средина-велат од таму.
Исто така со анализа на податоците од добиените резултати од мониторингот и споредување на добиените резултати со меѓународно важечки референтни токсиколошки и прехранбени вредности, како и проверка на максимално дозволените количини на одредени состојки пропишани за одделни видови храна во однос на важечките стандарди ќе се овозможи подобар пласман на нашите производи на пазарите во странство како и исполнување на условите за увоз во трети земји и земји членки на Европската Унија.
Валентина Ангеловска